Свет
Принцот Вилијам е сериозно лут, а Кејт вознемирена и разочарана: извори од палатата откриваат информации за најбараната жена во светот
Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон наводно се вознемирени поради сите теории на заговор што се појавија за здравјето на принцезата и нејзиното отсуство од очите на јавноста. Кралската аналитичарка Кејти Никол откри дека од извор знае оти и принцот Вилијам и принцезата Кејт се прилично шокирани и искрено изненадени од хаосот предизвикан од шпекулациите.
„Мислам дека има чувство на фрустрација, можеби дури и лутина, секако од страна на Вилијам. Имаат профил на ‘Инстаграм’ и стотици илјади следбеници. Тие не живеат на седмо небо, свесни се за сè што се пишува и зборува. И мислам дека има чувство на фрустрација што не може да стават крај на сè“, рече таа.
Никол додаде дека мисли оти неодамнешната фотографија на Кејт Мидлтон во посета на фарма во Виндзор ќе ги намали сите ужасни шпекулации за принцезата од Велс.
„Ќе помислите дека видеото на кое Кејт се шета со Вилијам и носи торба за пазарење и изгледа прилично здраво и среќно, ќе ги ублажи сите шпекулации што кружат на интернет веќе со недели. Но, неверојатно, многу од овие теории сè уште кружат“, рече таа.
„Пејџ сикс“ се обиде да стапи во контакт со претставници на кралската двојка, но тие не беа достапни за коментар.
Видеото од Кејт Мидлтон како шета со Вилијам за време на викендот беше првото јавно појавување на принцезата од Велс по Божиќ. Сепак, ова не можеше да убеди многумина дека навистина се работи за принцезата во видеото. Неколку од нив посочуваат дека тоа е двојничката на Кејт, Хајди Аган.
Аган, која е означена како „најреалистичната Британка што личи на Кејт Мидлтон“ на „Инстаграм“, проговори во вторникот велејќи за „Мирор“ дека таа не била во спорниот клип.
„Луѓето на социјалните мрежи полудуваат затоа што мислат дека сум јас, а јас не сум, тие 100 отсто веруваат дека навистина се Вилијам и Кејт во видеото“, рече таа.
Во јануари палатата Кенсингтон објави дека Мидлтон била подложена на операција на стомакот и дека ќе се врати на јавните обврски по Велигден.
Додека мајката на трите деца закрепнува, луѓето продолжуваат да го анализираат секој потег на кралското семејство.
Таа го прекина својот повеќемесечен молк на социјалните мрежи на 10 март објавувајќи фотографија за Денот на мајката со своите деца – принцот Џорџ (10), принцезата Шарлот (8) и принцот Луис (5).
Сепак, фановите веднаш забележаа неколку грешки при уредувањето на сликата и истакнаа дека сè е монтирано. Поради забележливи грешки, неколку познати агенции ја отстранија фотогафијата од своите портали. Хаосот дополнително го подгреа објавата на палатата Кенсингтон дека Кејт Мидлтон е таа што ја уредувала сликата бидејќи, како што е објаснето во објавата, таа сака да експериментира со фотошоп.
На социјалните мрежи се појавија разни теории, како онаа дека принцезата е во кома, дека починала и дека нејзиниот брак со Вилијам завршил поради неговата врска со леди Роуз Ханбери.
Шпекулациите за измама, кои датираат од 2019 година, исто така многу ја вознемириле и шокирале леди Роуз. Таа ги демантира озборувањата претходно оваа недела преку своите адвокати.
Последните информации за принцезата се поврзани со клиниката, каде што била оперирана.
Имено, во таа болница дошло до нарушување на безбедноста бидејќи вработените во таа институција биле обвинети дека се обиделе да пристапат до нејзината приватна медицинска документација.
Еден од вработените рече дека тоа е големо нарушување на безбедноста и неверојатна штета на болницата, со оглед на нејзината неповредена репутација во лекувањето на членовите на кралското семејство.
Директорите на болницата веднаш стапиле во контакт со Кенсингтонската палата и ја увериле за истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп најави одлука за напад врз Иран, но сè уште се соочува со три клучни пречки
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека во рок од десет дена ќе донесе одлука дали ќе изврши воена акција врз Иран, но сè уште не е подготвен за напад, и покрај распоредувањето на моќната американска воздушна и поморска армада во Персискиот Залив, пишува Blick.ch.
Иако многу експерти во Тел Авив тврдат дека режимот на ајатоласите, на власт од 1979 година, никогаш не бил послаб, Трамп останува воздржан. Претходно, во јуни 2025 година, САД и Израел водеа „Дванаесетдневна војна“ за уништување на делумно преживеаните нуклеарни капацитети на Иран со бомбардери Б-2.
Првата пречка: политичка нестабилност
Првиот фактор е политички. Доколку Трамп сака да го нападне режимот со цел да го „обезглави“, потребна е алтернатива на владеење. Постојат две можности:
1.Фракција во самиот режим да ја преземе власта и да дозволи договор со САД, слично на сценариото со Венецуела.
2.Промена на режимот со доаѓање на Реза Пахлави, синот на соборениот шах, кој пред неколку недели беше поздравен од повеќе од 200.000 Иранци во дијаспората.
Проблемот е што другите опозициски групи, како Курдите, категорично го отфрлаат таквото решение, а распоредување на американски копнени сили за заштита би создадало дополнителен хаос.
Втората пречка: воени гаранции и инфилтрации
Втор фактор е воен. Трамп мора да има гаранции за ефикасноста на воздушните напади во координација со Израел, чиј разузнавачки капацитет е длабоко инфилтриран во иранскиот режим.
Нападите би се соочиле со истиот проблем како и претходната „Дванаесетдневна војна“: Иран може да ги сокрие своите нуклеарни и балистички капацитети во планинската територија, а масовните напади би предизвикале голем број цивилни жртви.
Идеалната стратегија би била нападите да предизвикаат народно востание и офанзива на пријателски вооружени групи, со цел да се собори режимот, но повторно останува дилемата кој би ја наследил власта без копнени сили на САД.
Третата пречка: регионални сојузници и Израел
Третиот фактор е улогата на Израел, кој врши притисок за итен удар за отстранување на „егзистенцијалната“ закана од иранската нуклеарна програма.
По војната во Газа, Израел станал непожелен партнер за многу земји во регионот, како Турција или Саудиска Арабија, кои се позадоволни на краток рок со ослабен Иран, кој е сè помалку способен да им снабдува оружје на своите сојузници (Хутите во Јемен, Хезболах во Либан…). Затоа, Трамп мора да ги убеди регионалните сојузници – од Турција и Саудиска Арабија до Катар – дека ситуацијата е под контрола.
Свет
Путин потпиша закон кој им дозволува на ФСБ да го исклучат интернетот во Русија
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој Федералната служба за безбедност (ФСБ) добива овластување да го исклучи интернетот во земјата, пренесуваат медиумите.
„Само претседателот може да воведе ограничувања“, изјави адвокатот и долгогодишен интернет активист Саркис Дарбињан.
Зошто се воведуваат ограничувања
Во последните месеци, руските власти се обидуваат да најдат начини да спречат влегување на украински беспилотни летала во рускиот воздушен простор. Во многу случаи, дроновите користат руски сигнали за навигација, понекогаш на долги растојанија.
Притисок врз интернет апликациите
Властите го засилија притисокот врз популарните апликации за размена на пораки, особено WhatsApp и Telegram. Двете апликации се значително забавени како дел од владините напори да ги охрабрат Русите да ја користат државно поддржаната апликација Max.
Според еден извештај, Telegram би можел целосно да биде блокиран од 1 април.
Ограничувањата предизвикаа незадоволство кај блогерите кои ја следат ситуацијата во Украина и собираат средства за руските трупи.
Telegram исто така е широко користен од руските војници на терен.
Технолошкиот регулатор Роскомнадзор го обвини Telegram, основан од протераниот претприемач Павел Дуров, за создавање на пазар за протечени лични податоци на руски граѓани.
Свет
Индија го одложи патувањето на трговска делегација во Вашингтон поради нејасности околу царините на САД
Индија го одложи планираното испраќање трговска делегација во Вашингтон оваа недела, главно поради неизвесност по одлуката на Врховниот суд на САД да ги укине царините што ги воведе претседателот Доналд Трамп, изјави извор од индиското Министерство за трговија во неделата, пишува Ројтерс.
Одлуката на Индија е една од првите конкретни реакции меѓу азиските земји на судската пресуда. Одлуката следува по одлуката на Трамп од саботата да воведе привремена царина од 15%, максимално дозволената според законот, на увоз од сите земји, по отфрлањето на неговите претходни царини од страна на судот.
Одложување поради неизвесност
„Одлуката за одложување на посетата беше донесена по дискусии меѓу официјалните лица на двете земји. Не е одреден нов датум за посетата“, рекол изворот.
Главната причина за одложувањето е неизвесноста околу царините по пресудата на судот во петокот. Делегацијата требаше да отпатува за разговори за финализирање на привремен трговски договор, откако двете земји се согласија на рамка за Вашингтон да ги намали казнените царини од 25% на одредени индиски производи поврзани со увозот на руска нафта од Индија.
Детали од привремениот трговски договор
Според договорот, царините на САД за индиски производи требаше да се намалат на 18%, а Индија се согласи да купи американски производи во вредност од 500 милијарди долари во период од пет години. Ова вклучува енергетски снабдувања, авиони и делови, благородни метали и технолошки производи.

