Свет
Принцот Ендру остана без титула поради судење за злоупотреба на малолетничка
Кралицата му ги одзеде сите кралски и воени титули на принцот Ендру поради тужбата што против него ја поднесе Вирџинија Џуфре, жената што тврди дека принцот ја малтретирал кога била малолетна.
Во соопштението од Бакингемската палата се вели: „Со одобрение и согласност на кралицата, воената припадност и кралското покровителство на војводата од Јорк ѝ се вратени на кралицата“.
Војводата од Јорк повеќе нема да презема никакви јавни должности и се брани во овој случај како приватен граѓанин.
Да потсетиме, американскиот суд вчера ја отфрли жалбата на принцот Ендру и против него сѐ уште е активно обвинение за сексуална злоупотреба на малолетник. Тој беше тужен од Вирџинија Џуфре, која тврди дека принцот сексуално ја вознемирувал кога имала 17 години.
Во тужбата навела дека покојниот Џефри Епштајн тргувал со нејзиното тело и ја принудувал на секс со нејзините пријатели, меѓу кои бил и принцот, пишува Си-ен-ен.
Таа тврди дека Ендру ја малтретирал и во куќата на Епштајн на Менхетн и на неговиот приватен остров на Американските Девствени Острови.
Таа додаде дека принцот Ендру бил свесен оти таа во тоа време била малолетна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ново пукање во Америка: едно лице во критична состојба
Едно лице е повредено во инцидент утрово во кој учествувала американската гранична патрола во јужниот округ Пима, Аризона, изјави портпаролот на шерифот на округот.
Пожарникарите на округот Санта Рита изјавија дека лицето е пренесено во критична состојба со хеликоптер во регионален центар за траума.
Околностите на пукањето во моментов се нејасни и нема информации дали некој од полицијата или граничната служба е повреден, според написите на локални медиуми.
Канцеларијата на шерифот на округот Пима и ФБИ помагаат во истрагата.
Ова пукање се случува три дена откако агентите на ICE го убија А.П. во Минесота и недели откако Рене Гуд беше убиен од полицаец на ICE.
Медиумите потсетуваат дека од септември минатата година, федералните службеници за имиграција застрелаа 12 лица.
Свет
Сјарто: Украина се вклучи во отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање
Украинскиот амбасадор во Будимпешта денес беше повикан во Министерството за надворешни работи на Унгарија поради обидите на Украина да се меша во унгарските парламентарни избори закажани за 12 април, кога јасно му беше кажано дека таквите обиди нема да бидат толерирани, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој ја повика Украина да престане да се меша во унгарската изборна постапка во корист на опозициската партија Тиса, како и да го почитува суверенитетот на Унгарија.
„Владата нема да толерира никакво мешање во унгарските избори, вклучително и обидите на Украина да се меша во изборниот процес во корист на партијата Тиса“, рече Сијарто, објави МТИ.
Сијарто рече дека Украина во последните недели се вклучила во „отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање“ со цел да ѝ помогне на опозициската партија Тиса да победи на изборите на 12 април.
„Нашиот заменик-министер недвосмислено му кажа на амбасадорот дека Унгарија ќе го заштити својот суверенитет со сите средства што ѝ се на располагање, дека ќе го заштити правото на Унгарците да бидат единствените што одлучуваат за иднината на Унгарија“, истакна Сијарто.
Тој изјави дека Тиса „веднаш ќе го одобри пристапувањето на Украина во ЕУ“ ако победи на изборите.
„Одлуката за иднината на Унгарија се носи во Унгарија, а не во Брисел, а сигурно не во Киев“, истакна Сијарто.
Свет
Детскaта караница може да ја реши „таткото“ на европските земји – САД, вели Дмитриев
Дебатата меѓу шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е детска караница, која може да ја реши „таткото“ на европските земји – Соединетите Американски Држави, изјави специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.
„Кога децата се караат, „таткото“ го решава тоа“, напиша тој на социјалната мрежа Икс, коментирајќи ги зборовите на францускиот министер за Европа и надворешни работи, пренесува Спутник.
Претходно, Баро на социјалната мрежа Икс ги отфрли тврдењата на Руте дека Европа не може да се одбрани без помош на САД.
„Дури и САД се согласуваат со тоа. Ова е европскиот столб на НАТО“, напиша шефот на француската дипломатија.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса тврдеше дека Европа не може да се одбрани без САД и дека оние кои веруваат дека тоа е можно, грешат. Во исто време, Руте рече дека смета дека е фер и соодветно Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, потсетуваат медиумите.

