Регион
Приштински медиуми: Тачи го исполни првиот услов на Ердоган, уапсени се „ѓуленисти“ на Косово

Косовската полиција уапсила пет турски државјани кои раководеле со училиштето „Мехмет Акиф“, под сомнение дека се припадници на организацијата на Фетулах Ѓулен.
Приштинските медиуми објавија дека лицата се уапсени во Приштина и во Ѓаковица и дека станува збор за Мустафа Ерден, кој бил директор на сите училишта на Ѓулен на Косово, потоа Јусуф Карабина, Кахраман Демирез, Ѓихен Озкан и Хасан Унакан.
Локалните медиуми го протолкуваа ова апсење како исполнување на првиот услов кој турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, му го поставил на косовскиот претседател, Хашим Тачи, уште во 2016 година, неколку месеци по обидот за пуч во Турција, пренесува „Танјуг“. Ердоган тогаш му беше домаќин на Тачи и тогаш, како што пишуваат медиумите, го замолил да ги затвори сите училишта на Ѓулен.
Како што објави „Газета експрес“, Косово е спремно да ги екстрадира уапсените турски државјани.
Инаку, во училиштата на Ѓулен на Косово се школуваат деца на многу косовски политичари, меѓу кои и Ендрит Тачи, синот на Хашим Тачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик предлага трет ентитет за Хрватите во Босна и Херцеговина

Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, предизвика лавина критики од бошњачката страна со својот предлог за формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
Додик со години се залага за реорганизација на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа е она што го сакаат повеќето Хрвати и нивните политички претставници, но не се осмелуваат отворено да се залагаат за тоа.
Тој го повтори ова во понеделникот по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Бања Лука.
„Веруваме дека трајно решение би било Босна и Херцеговина да биде организирана на таков начин што ќе има три ентитети“, рече Додик во име на неговиот Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), партијата што е столб на владејачката коалиција во РС, а е и дел од владата на државно ниво.
Тој рече дека Федерацијата на БиХ треба да се подели на бошњачки и на хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за да не може никој да се меша во изборните одлуки на членовите на еден од двата конститутивни народа.
фото: принтскрин
Регион
Сакаат да го воведат најдолгиот работен ден во Европа, Грците повторно на штрајк

Грчките бродови останаа во пристаништето, а железничкиот сообраќај беше запрен кога работниците утрово ја напуштија работата во знак на протест против планираните реформи на трудовото право, кои вклучуваат продолжување на работното време на 13 часа во приватниот сектор.
Штрајкот, втор овој месец од најголемите синдикати во јавниот и во приватниот сектор во Грција, беше темпиран да се совпадне со парламентарната дебата и гласање оваа недела за законот за реформи на владата.
Се очекува работниците, вклучувајќи болнички лекари и новинари од јавните медиуми, да маршираат до парламентот напладне со други демонстранти.
Контроверзни реформи во трудовото право
Нацрт-законот им овозможува на работодавците да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност во краткорочното вработување и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор.
Владата вели дека законот ќе создаде поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот и ќе ги заштити работниците од отпуштање доколку одбијат да работат прекувремено.
Но, синдикатите велат дека законот ги поткопува правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и им ја одзема преговарачката моќ во земја во која просечните плати се сè уште ниски во споредба со другите земји од ЕУ и покрај зголемувањето на платите и помалата невработеност по осакатувачката должничка криза од 2009 до 2018 година.
Куповната моќ на Грците е меѓу најниските во блокот на Европската Унија, според податоците на Евростат.
„Наместо да ги зголемува приходите на работниците и да ги зајакнува јавните услуги, владата се одлучува за закон што е во корист на работодавците и исцрпувачкото работно време“, се вели во соопштението на главните синдикати во јавниот и во приватниот сектор во Грција – ADEDY и GSEE.
фото: принтскрин
Регион
Русија ѝ се заблагодарува на Србија за донацијата од речиси 6 милиони долари: „Посебна симболика“

Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Србија обезбедила „финансиска хуманитарна помош во вредност од 472 милиони рубли (околу 5,8 милиони американски долари)“ за регионот Курск.
Руското министерство во соопштението наведува дека, според нивните тврдења, српската влада го доделила наведениот износ како хуманитарна помош.
„Средствата се исплатени на Фондот за развој на регионот Курск, кој спроведува проекти за поддршка на најранливите групи на населението погодени од криминалните активности на режимот во Киев“, се вели во соопштението на министерството.
Москва ѝ се заблагодари на „пријателска Србија“ за „вниманието и сочувството, грижата за судбината на руските граѓани“, истакнувајќи дека овој чин носи „посебна симболика што го одразува вековното братство и блиските врски на двете земји и народи“.
Досега, официјален Белград не потврди дека е испратена каква било помош во Русија.
Србија претходно ѝ обезбеди хуманитарна помош на Украина, вклучително и откако Русија ја сруши хидроелектричната брана Каховка.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, исто така, изјави дека неговата земја е подготвена да учествува во обновата на еден или два украински региони.
Фото: ЕПА