Свет
Пронајдена масовна гробница во Газа, Палестинците бараат меѓународна истрага
Палестинските власти повикаа на меѓународна истрага откако во Газа беше пронајдена масовна гробница со тела во распаѓање на палестински затвореници со врзани очи и лисици на рацете.
Најмалку 30 тела се пронајдени во црни пластични кеси во близина на училиштето „Хамад“ во северниот дел на Газа, при што палестинските власти ги обвинуваат израелските војници за убивање цивили во стилот на егзекуција.
Палестинското Министерство за надворешни работи повика на меѓународна истрага за, како што ги опиша, израелските масакри барајќи „тим да ја посети Газа за да се открие вистината и димензиите на геноцидот на кој е подложен палестинскиот народ“.
Сведоци за „Ал џезира“ изјавија дека луѓето биле со врзани очи, мачени и убивани, по што ги ставале во вреќи.
„Додека чистевме, наидовме на куп шут внатре во училишниот двор. Бевме шокирани кога дознавме дека има десетици тела под тој куп“, изјави еден од сведоците за „Ал џезира“.
„Во моментот кога ги отворивме црните пластични кеси, ги најдовме телата, веќе распаднати. Тие беа со врзани очи, а рацете и нозете им беа врзани“, додаде тој.
„Тие имаа лисици на рацете и нозете, а платнени ленти на очите.
Хамас рече дека организациите за човекови права треба да ја документираат масовната гробница.
„Ова одвратно и други злосторства извршени од неонацистите врз нашиот палестински народ ќе останат прогонувачко проклетство. Ќе дојде ден кога тие ќе одговараат за нивната бруталност и злосторства, кои ги надминуваат најстрашните прекршувања познати на човештвото во модерната ера“, се вели во соопштението на палестинската вооружена група на „Телеграм“.
Новинарот на „Ал џезира“, Тарек Абу Азум, известувајќи од Рафа во јужна Газа, рече дека „состојбата на овие тела се движи од лошо распаднати до скелетни остатоци, што ја отежнува нивната идентификација“.
Палестинската адвокатка за човекови права, Дијана Буту, изјави за „Ал џезира“ дека овој инцидент „е самата причина зошто Израел беше изведен пред Меѓународниот суд на правдата“.
Буту додава дека откриената масовна гробница е „јасно воено злосторство“ и тврди дека мора да се истражи.
Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да ги преземе „сите мерки во негова моќ“ за да избегне палестински жртви и акти, кои би можеле да претставуваат геноцид.
Минатиот месец претставник на Обединетите нации за човекови права повика да се стави крај на злоупотребата на палестинските затвореници од страна на Израел и рече дека се сретнал со мажи што биле притворени и тепани со недели, како и со врзани очи.
„Станува збор за мажи што израелските безбедносни сили ги задржаа на непознати локации меѓу 30 и 55 дена“, рече Аџит Сунгај, претставник на ОН за човекови права.
„Има извештаи за пуштање мажи потоа, но само во пелени без соодветна облека на ова студено време“, рече тој додавајќи дека не е јасно зошто биле принудени да носат пелени, но дека „тие биле видно шокирани и потресени кога ги запознале“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

