Европа
Пронајдени 25 слепи патници на брод во Холандија

Во контејнер замрзнувач на брод кој од Холандија тргнал кон Велика Британија пронајдени се 25 слепи патници, соопшти холандската организација „Ријмонд Велиг“.
На групата слепи патници ѝ помогнале холандските служби за вонредни ситуации, а двајца биле пренесени во болница, додека останатите 23 биле однесени на „полициска локација“, се вели во соопштението на организацијата.
Како што се наведува, бродот требало да исплови од холандското пристаниште Влардинген кон Феликстоу во Велика Британија.
Екипажот на бродот соопштил дека немало жртви, а во потрага за евентуално други слепи патници се користат кучиња трагачи.
Холандската телевизија НОС јави, повикувајќи се на неименуван полициски портпарол, дека станува збор за траект што се упатил кон Влардинген, близу Ротердам, откако биле откриени слепите патници.
Слепите патници се откриени речиси еден месец откако телата на 39 Виетнамци беа пронајдени во камион со ладилник во англискиот град Грејс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Ни требаат 20 системи „Патриот“, подготвени сме да инвестираме

На Украина и се потребни 20 системи „Патриот“ за заштита од руски воздушни закани, кои ќе чинат околу 35 милијарди долари (33,45 милијарди евра), изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека Украина е подготвена да ја инвестира таа сума.
„Потребни ни се 20 од овие системи („Патриот“), а тоа е дефинитивно 35 милијарди долари. Доколку САД ни обезбедат 35 милијарди долари во форма на „Патриот“, ќе сметаме дека тие инвестирале. Ние, пак, сме подготвени да инвестираме иста сума од наша страна“, рече Зеленски, објави УНН.
Според Зеленски, цената на еден систем „Патриот“ е околу 1,5 милијарди долари (1,43 милијарди евра), иако цената може да се зголеми на 1,8 милијарди долари (1,72 милијарди евра) поради војната. Зеленски, исто така, истакна дека Украина сè уште не ги добила сите системи „Патриот“ што беа најавени минатата година.
Европа
Германскиот министер за одбрана: Ова е катастрофа

НА предвремените парламентарни избори одржани на 23 февруари 2025 година, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) освоија 29 отсто од гласовите, додека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) постигна историски успех со 19,5 отсто од гласовите. Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го доживеа својот најлош резултат во својата историја, освојувајќи само 16 отсто од гласовите.
Германскиот министер за одбрана и член на СПД Борис Писториус го опиша изборниот резултат на неговата партија како „катастрофален“. Во интервју за АРД, Писториус изјави: „Ова е катастрофален, катастрофален резултат“. Тој ја истакна потребата од единство во партијата за надминување на оваа криза.
Актуелниот канцелар Олаф Шолц го призна поразот на СПД на изборите. Обраќајќи им се на партиските членови во Берлин, Шолц рече: „Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија, а во исто време и изборен пораз“. Тој повика на борба за демократија и единство во партијата за надминување на предизвиците што претстојат.
Европа
Вонреден самит на ЕУ за Украина свикан за 6 март

Европската унија свика вонреден самит за Украина и европската безбедност за 6 март, објави денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.
„Одлучив да свикам посебен Европски совет на 6 март“, објави Коста на социјалната мрежа Икс.
I have decided to convene a special European Council on 6 March.
We are living a defining moment for Ukraine and European security.
In my consultations with European leaders, I’ve heard a shared commitment to meet those challenges at EU level: strengthening European Defence…
— António Costa (@eucopresident) February 23, 2025
„Живееме во одлучувачки момент за Украина и европската безбедност“, нагласи тој, додавајќи дека во неговите консултации со европските лидери слушнал „заедничка посветеност“ за соочување со овие предизвици на ниво на ЕУ. Притоа го наведе „зајакнувањето на европската одбрана и одлучувачкиот придонес за мирот на нашиот континент и долгорочната безбедност на Украина“.
Тој исто така нагласи дека ќе продолжи да работи заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и сите земји-членки за да бидат подготвени да донесат одлуки на 6 март.