Свет
Пронајдени 30 мртви кучиња и напуштено момче во куќа во Филаделфија
Две лица од предградието на Филаделфија се уапсени и обвинети за суровост кон животни и загрозување деца откога полицијата пронашла тела на најмалку 30 кучиња во нивниот дом во јужниот дел на Њу Џерси, САД.
Властите соопштија дека во куќата имало и деветгодишно момче, кое било одземено поради нездрави услови и предадено на социјалните работници. Не е познато дали момчето е поврзано со уапсените.
Девет кучиња се пренесени во локална болница за животни.
Полицајците од Евешам, град на периферијата на Филаделфија, пронашле живи и мртви кучиња, неколку мачки и зајаци во куќата и ги уапсиле Ребека Халбах (35) и Брендон Лекони (32).
Инспекторите веруваат дека таму пцовисале и до 100 кучиња, од кои многу веројатно биле закопани во близина на куќата.
Полицијата интервенирала затоа што лице поврзано со организација за заштита на животните од Северна Каролина пријавило дека видело неколку неисхранети и болни кучиња во домот. Таа организација претходно му платила на уапсениот пар да се грижи за неколку кучиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Никола Саркози го критикуваше повикот на Макрон за предвремени избори, предупредува на „хаос“
Поранешниот француски претседател Никола Саркози го критикуваше актуелниот претседател Емануел Макрон за распишувањето предвремени избори за парламентот, оценувајќи дека тоа претставува голем ризик за земјата и за претседателот.
Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, во интервју за „Журнал ди диманш“ изјави дека одлуката на Макрон може да ја турне земјата во „хаос“ од кој ќе биде тешко да се излезе, пренесува Еурактив.
Зборувајќи за лидерите на десницата, Саркози оцени дека лидерот на Националното собрание, Џордан Бардела е неискусен и дека ќе мора да го компензира недостатокот на искуство, бидејќи никогаш не бил во позиција да раководи со нешто и дека Ерик Чиоти, кој неодамна беше сменет од функцијата претседател на Републиканската партија (ЛР), требаше повеќе да се консултира со сопартијците.
Свет
Четири лица загинаа во одрон во кинеската провинција Фуџијан
Четири лица загинаа, а две се водат за исчезнати во лизгање на земјиште во кинеската провинција Фуџијан, на југоистокот на земјата, јавува кинеската државна телевизија CCTV.
Обилните дождови кои започнаа во неделата попладне предизвикаа лизгање на земјиштето во кое се урнаа 378 куќи, пренесува Ројтерс.
Локалните власти ангажираа служби за итни случаи, а метеоролошката служба ги окарактеризираше врнежите како „екстремни“.
Свет
Истражување: Рекорден број луѓе во светот избегнуваат да следат вести
Рекорден број луѓе ширум светот избегнуваат да ги следат вестите, покажа истражувањето на Институтот Ројтерс на Универзитетот Оксфорд.
Како што е наведено, 39 проценти од испитаниците од 47 земји рекле дека понекогаш или често активно ги избегнуваат вестите, додека во 2017 година, 29 проценти од учесниците во истражувањето го дале овој одговор.
Околу 46 отсто од луѓето одговориле дека се многу или екстремно заинтересирани за вести, наспроти 63 отсто во 2017 година, пренесува Би-би-си.