Европа
Пропаднат грабеж во Италија: Комбе со милиони евра пробило барикада од камиони и запалени возила

Група разбојници поставиле ноќна заседа на автопат во близина на Милано, наменета за блиндирано комбе кое носело неколку милиони евра, но возачот успеал да ја пробие блокадата од два камиони, запалени автомобили и шајки расфрлани на патот.
Нападот се случил на Автопатот А1 што ги поврзува Милано и Неапол на 20 километри од Милано доцна во вторникот, објави новинската агенција „Анса“.
Комбето удрило во двата камиона поставени од страна на разбојниците за да го блокираат патот, но возачот успеал да се пробие и запрел на блиска бензинска пумпа каде што стоело полициско патролно возило.
Возачот ги избегнал и преостанатите пречки поставени од криминалците: шајки и неколку запалени автомобили.
Три километри од автопатот биле затворени неколку часа за да може властите да го расчистат патот.
Нормалниот сообраќај продолжил околу 9 часот наутро.
Компанијата „Батистоли“, која е сопственик на оклопното возило, соопшти дека нема повредени во инцидентот.
Сличен, исто така неуспешен напад, се случи на истиот автопат во 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЕУ го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија, вели извор

Европската унија го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија, изјави за „Киев Индепендент“ висок функционер на ЕУ, кој побара анонимност. Мерките се насочени кон речиси 200 бродови од руската „флота во сенка“, 30 компании вклучени во избегнување на санкции и 75 санкции против субјекти и поединци поврзани со рускиот воено-индустриски комплекс и други цели.
Новиот пакет, исто така, вклучува мерки насочени кон руските хибридни операции, поточно воспоставување правна основа за дејствување против пропагандните канали или бродови и субјекти вклучени во саботажа на подводни кабли, аеродроми или сервери.
„Значи, гледате каде одиме. Покрај ‘традиционалните’ секторски и индивидуални санкции, го прошируваме опсегот и поактивно применуваме други видови санкции за да ја погодиме Русија таму каде што гледаме закани или обиди за заобиколување на постојните мерки“, рече изворот.
Европа
Зеленски: Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз

„Никој не знае колку долго ќе трае војната. Но, не десет години. Украина нема да издржи… Русите нема да им веруваат на Украинците, а Украинците нема да им веруваат на Русите. Само надворешни посредници можат да гарантираат почитување на сите договори. Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај, додавајќи дека очекуваат и украинската страна да се појави на преговорите.
Европа
Шефовите на дипломатијата на членките на НАТО се состануваат во Турција: се бараат поголеми инвестиции во одбраната

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО денеска се среќаваат во Анталија, Турција, на последната рунда разговори на високо ниво пред самитот на западната воена алијанса во Холандија во јуни.
Домаќин на дводневниот состанок, на кој првенствено ќе се разговара за распределбата на средствата за одбрана и иднината на европската безбедност, е турскиот шеф на дипломатијата, Хакан Фидан.
На самитот на лидерите на НАТО во Хаг во јуни се очекува договор за нова цел за трошоците за одбрана, а агенцијата ДПА потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп постојано бара од сојузниците на НАТО драстично да ги зголемат воените трошоци.
Во моментов, членките на НАТО се подготвени да издвојат најмалку два проценти од БДП за одбрана, но некои сè уште издвојуваат помалку од тие два проценти. Европските членки на НАТО се соочуваат и со пресвртот на поддршката за Украина од страна на новата американска администрација и последиците од оваа политика за европската безбедносна архитектура.
Во Анталија ќе пристигне и американскиот државен секретар Марко Рубио. Се очекува министрите на НАТО да започнат консултации за време на вечерата и да продолжат со разговорите утре наутро.