Свет
Путин во Северна Кореја првпат по 24 години, почнаа разговорите со Ким Џонг-ун
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна синоќа во својата прва посета на Северна Кореја по 24 години, ветувајќи дека ќе ги подобри трговските и безбедносните врски со земјата и ќе ја поддржи во односите со САД. Рано утрово, по наше време, Путин и Ким Џонг-ун започнаа разговори, пренесува Интерфакс.
Руските државни медиуми објавија дека авионот со рускиот претседател слетал во Пјонгјанг околу 2 часот и 45 минути по локално време по кратко застанување на рускиот Далечен Исток.
Путин рече дека ќе ги подигне односите со Северна Кореја на повисоко ниво и вети безрезервна поддршка на таа земја, објави севернокорејската државна агенција КЦНА пред неговата посета.
Официјалните разговори меѓу Ким Џонг-ун и Владимир Путин се во тек, по свечената церемонија на главниот плоштад во Пјонгјанг.
Фотографиите на руските медиуми покажаа војници и голема толпа цивили собрани на плоштадот покрај реката Таедонг што минува низ главниот град, вклучително и деца кои држат балони и џиновски портрети на двајцата лидери, со национални знамиња кои ја красат Големата народна сала.
Путин ги отвори разговорите со Ким велејќи му дека Москва ја цени поддршката на Пјонгјанг за Русија, вклучително и „правецот околу Украина“, објави руската новинска агенција Тасс.
Русија се бори против „децениската наметната империјалистичка политика на САД“, наводно му рекол Путин на Ким.
Денешната агенда вклучува разговори еден на еден меѓу двајцата лидери, како и гала концерт, државен прием, почесна гарда, потпишување документи и изјави за печатот, го цитираше руската новинска агенција Интерфакс, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп не планира да им враќа пари на компаниите поради укинувањето на царините
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп.
Свет
Трамп потпиша указ за нови царини од 10 проценти на глобално ниво
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека потпишал указ за воведување глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои, како што наведе, ќе стапат во сила речиси веднаш. Одлуката доаѓа откако Врховниот суд на САД поништи дел од царините што тој ги воведе минатата година за голем број држави.
Тој остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на претходните мерки, оценувајќи дека нивната одлука била „погрешна“ и најави дека администрацијата ќе преземе дополнителни чекори за да обезбеди, како што рече, поголеми приходи од царините.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека новите мерки ќе бидат донесени согласно член 122, кој му овозможува на претседателот привремено да воведе дополнителни давачки на увоз во случај на сериозни нерамнотежи во платниот биланс.
Најави и покренување истраги и други механизми, со цел, како што посочи, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Според Трамп, одлуката на Врховниот суд не ги укинува царините како инструмент, туку се однесува само на одредена правна основа за нивна примена.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.

