Свет
Путин ги пречека руските заложници ослободени од Хамас: Ова е резултат на нашите добри односи со претставниците на разни палестински организации
Рускиот претседател Владимир Путин денес се сретна со руските граѓани кои беа ослободени од заробеништво на палестинската милитантна група Хамас.
„Фактот што денес сте слободни е резултат на фактот што Русија има стабилни, долгорочни односи со палестинскиот народ и со претставниците на разни палестински организации. Мораме да ја изразиме нашата благодарност до раководството и политичкото крило на Хамас за средбата со нас и за согласноста за овој хуманитарен чин“, рече Путин за време на состанокот, пренесува Интефакс.
Според рускиот претседател, Русија ќе „направи сè за да се осигури дека ваквите (хуманитарни) акти ќе се случуваат што е можно почесто, за да бидат ослободени сите луѓе што се во заробеништво“.
На средбата со ослободените Руси во Кремљ присуствуваа главниот рабин на Русија, Берл Лазар, и рабинот и претседател на Федерацијата на еврејски општини на Русија, Александар Борода.
Рускиот државјанин Александар Труфанов, кој беше ослободен од заробеништво на Хамас, му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин за неговото ослободување и изрази надеж дека и другите заложници, кои му станале блиски како браќа, исто така ќе бидат ослободени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мадуро: САД измислуваат нова војна, носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ испратен на Карибите
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ја обвини администрацијата на Доналд Трамп дека „измислува нова војна“, откако САД испратија воен носач на авиони во Карипското Море.
Според „Би-Би-Си“, најголемиот американски носач на авиони, USS Gerald R. Ford, кој може да носи до 90 летала, претставува значително зголемување на американското воено присуство во регионот.
Вашингтон тврди дека операцијата е насочена против трговијата со дрога и дека веќе се изведени неколку воздушни напади врз криминални организации. Трамп го обвини Мадуро дека е лидер на нaрко-картел, што венецуелскиот претседател категорично го негира.
Мадуро предупреди дека САД бараат нов вечен конфликт и потсети дека ветиле дека нема да се впуштаат во нови војни. Аналитичарите наведуваат дека толку големо воено присуство не е потребно за операции против дрога и го толкуваат како обид за притисок врз режимот во Каракас.
Американскиот Конгрес, вклучително и дел од републиканците, изразија загриженост за законитоста на нападите и овластувањата на претседателот, предупредувајќи дека Белата куќа ја узурпира контролата врз употребата на воена сила.
Свет
Трамп подготвува нови санкции за Русија
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвила пакет нови санкции насочени кон клучни сектори на руската економија, подготвен за активирање доколку Владимир Путин продолжи да одолговлекува со завршувањето на војната во Украина, објави „Ројтерс“.
Според американски извори, санкциите би можеле да ги погодат рускиот банкарски сектор и инфраструктурата за транспорт на нафта. Идејата е да се зголеми економскиот притисок врз Москва, додека Вашингтон размислува и за користење замрзнатиот руски имот во корист на Украина.
Трамп, кој минатата недела за првпат по враќањето на функцијата воведе санкции против Русија, изјавил дека сака да се позиционира како „глобален мировник“, но призна дека прекинувањето на војната е потешко од очекуваното.
Во претходниот пакет, санкции беа воведени против нафтените компании „Лукоил“ и „Роснефт“, што доведе до раст на цените на нафтата за повеќе од два долара по барел.
Иако Трамп не е подготвен да ѝ испорача на Украина ракети Томахок, американските и европските партнери оценуваат дека Вашингтон зазема поцврст став кон Москва.
Според „Ројтерс“, Трамп најверојатно ќе почека неколку недели за да ја процени реакцијата на Русија пред да одлучи дали ќе ги активира новите санкции.
Свет
Турист загина кај Пантеонот во Рим
Јапонски турист, на околу 70 години, починал во Рим откако паднал кај Пантеонот, објави Анса.
Според информациите на италијанските медиуми, човекот не бил на самиот објект, туку на периферниот дел — кај оградениот археолошки простор што го опкружува Пантеонот. Тоа место има камен ѕид висок неколку метри, кој дели рамна површина (каде минуваат туристите) од понизок археолошки дел, нешто како ров.
Се претпоставува дека туристот се потпрел или се наведнал над ѕидот, изгубил рамнотежа и паднал во тој понизок простор, длабок околу 7 метри.
Спасувачките напори не успеале, а пожарникарите морале насилно да ја отворат влезната порта пред Пантеонот за да стигнат до телото.
Полицијата и локалните власти биле на местото на настанот, додека причината за несреќата сè уште не е утврдена.

