Свет
„Путин го искористи Такер Карлсон“ – бурни реакции на првото интервју на рускиот лидер за западен медиум од почетокот на војната
Интервјуто на рускиот претседател Владимир Путин, што во Москва му го даде на американскиот новинар Такер Карлсон, предизвика многубројни реакции во светот. Првото интервју на рускиот претседател со западните медиуми од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, кое беше објавено на полноќ на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен „Твитер“), беше прегледано од повеќе од 30 милиони луѓе за само два часа по неговото објавување.
Владимир Путин во интервјуто зборува за старите и веќе споемнати причини за нападот на Украина, но и за трета светска војна.
Ова се клучните изјави на Путин:
– Причината за инвазијата е актуелната украинска влада;
– Го предупредив Бајден пред инвазијата дека прави голема грешка;
– ЦИА го саботира „Северен тек“;
– Напад на Полска или на Балтикот би го довел светот на работ на конфликт;
– Русија беше подготвена за договор, Украина се откажа поради убедувањето на Борис Џонсон.
„Политико“ го издвојува овој наслов: „Путин му кажа на Такер Карлсон дека војната во Украина може да заврши за неколку недели“.
Тие го истакнуваат прашањето на Карлсон за можноста за мир во Украина, на што Владимир Путин одговори:
„Ако навистина сакате да ја запрете војната, мора да престанете да ја снабдувате Украина со оружје“, рече Путин мислејќи на помошта од Западот за Киев и заклучи:
„Ќе биде готово за неколку недели. Тоа е тоа“.
„Во интервјуто за Такер Карлсон, Путин вели дека Русија не може да биде поразена во Украина“, е насловот на „Ал џезира“.
„Њујорк тајмс“ го издвои насловот: „Путин ги повикува САД да преговараат за Украина во интервју со Такер Карлсон“, а „Ролинг стоун“ смета дека Путин го избришал подот со Такер.
„Путин го искористи Такер Карлсон за да го избрише подот на Кремљ“, гласи насловот на познатиот магазин.
За „Индипендент“ и Би-би-си, важна вест е можноста за ослободување на затворениот американски новинар.
„Путин му рекол на Карлсон дека може да се постигне договор за ослободување на затворениот американски репортер Еван Гершковиќ“, пишува Би-би-си, а „Индипендент“ интервјуто го следеше во живо и во наслов „комбинира“ Украина, историја и затворениот новинар.
„Ројтерс“ го сумира интервјуто со зборовите „Путин нема да го нападне НАТО“.
„Путин му рекол на Такер Карлсон дека Русија нема интерес да ги нападне Полска или Латвија“, пишува „Ројтерс“.
Уште пред да биде објавено интервјуто, Карлсон доби низа критики затоа што отпатува во Москва за да го интервјуира рускиот лидер. Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон го нарече ТВ-водителот „корисен идиот“.
Претходно, најавувајќи го интервјуто, Карлсон нагласи дека целта е да се слушне и другата страна, а не само западната пропаганда.
Такер Карлсон е десничарски телевизиски водител, кој имаше премиерно шоу на „Фокс њуз“ од 2016 година до неговото отпуштање во 2023 година.
Заминувањето на Карлсон дојде набргу откако „Фокс њуз“ се согласи да ѝ плати повеќе од 787 милиони долари на Dominion Voting Systems, која ја тужеше телевизиската станица за клевета и ширење лажни вести за украдени избори во 2020 година.
Граѓаните на Украина, кои беа интервјуирани од „Киев пост“, луто реагираа на интервјуто уште пред да биде објавено.
„Дали Такер Карлсон разбира дека пораката на ѓаволот го легитимира пеколот на земјата. И дали разбира дека тој самиот ќе гори во пеколот? Или мисли дека му оди добро?“, беше еден од коментарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во Швајцарија ќе се одржат мировни преговори за Украина, Русите не доаѓаат
Швајцарската влада денеска соопшти дека во оваа фаза Русија не е меѓу 160-те делегации поканети на мировните преговори за Украина што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.
„Швајцарија е убедена дека Русија мора да биде вклучена во тој процес“, соопшти швајцарската влада. „Мировниот процес не е можен без Русија“.
Швајцарската влада соопшти дека отсекогаш била отворена за поканата на Русија, но Москва постојано нагласувала дека не е заинтересирана за учество на првиот самит.
Руските власти истакнуваат дека Швајцарија усвоила европски санкции против Москва поради инвазијата на Украина и затоа нема кредибилитет како неутрален посредник.
Свет
(Видео) Застрелани шест лица во Тексас, меѓу нив и деца
Најмалку шест лица на возраст од 3 до 19 години, од кои четири помлади од 15 години, се застрелани во станбена област во Форт Ворт, Тексас. Инцидентот се случил синоќа околу 19:30 часот кога полицијата добила дојава за пукање во западниот дел на градот, пишува „Еј-би-си Њуз“.
„Кога полицијата пристигна на местото на настанот во 19 часот и 38 минути, на паркингот пронашла неколку жртви со прострелни рани. Шест од нив се здобиле со полесни до тешки повреди“, соопшти полицијата во Форт Ворт.
Пет жртви биле префрлени во локалните болници, додека една одбила лекување. Засега не се знае каква е состојбата на жртвите кои се пренесени во болница.
„Потврдуваме дека на овој простор е забележано сомнително возило и дека најмалку едно или повеќе лица од автомобил пукале кон жртвите“, соопшти полицијата. Надлежните сметаат дека станува збор за изолиран инцидент и дека нема понатамошна опасност за јавноста. Покрената е истрага, а полицијата трага по напаѓачите.
Свет
Америка тврди: Русите користеле хемиско оружје во Украина, прекршена е меѓународната конвенција
Соединетите Држави официјално ја обвинија Русија дека користи хемиско оружје како метод за војување против Украина и воведоа нови санкции за руски компании и државни органи.
Во соопштението, американскиот Стејт департмент наведе дека утврдено е дека Русија употребила хемиско оружје хлоропикрин против украинските сили, што ја прекршува Конвенцијата за хемиско оружје (CWC).
Се додава дека Русија користела и солзавец.
„Употребата на таквите хемикалии не е изолиран инцидент и веројатно е поттикната од желбата на руските сили да ги избркаат украинските сили од вградените позиции и да добијат тактички предности на бојното поле“, се вели во соопштението.
Заклучокот на САД се совпаѓа со сведочењето на украинските војници кои велат дека се соочиле со зголемени средби со гас и други хемиски надразнувачи во делови од нивната линија на фронтот во последните месеци.
Украинските вооружени сили соопштија дека регистрирале повеќе од илјада инциденти во кои Русија употребила „муниција со солзавец со токсични хемикалии забранети за војување“, со 250 случаи само во февруари.
Русија негираше дека користела хемиско оружје.
Хлоропикринот бил широко користен како хемиски борбен агенс во Првата светска војна, но повеќе не е одобрен за воена употреба, а сега главно се користи во земјоделството. Ги иритира белите дробови, очите и кожата и може да предизвика гадење, повраќање и дијареа која трае со недели.
Се додава дека САД санкционираат три руски владини субјекти поврзани со програмите за хемиско и биолошко оружје на земјата и четири руски компании кои придонеле за тие тела.
Минатиот април, на самитот на Г7, министрите за надворешни работи на земјите-членки во заедничка изјава изјавија дека Русија ќе се соочи со „тешки последици“ за каква било употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје.
Оттогаш, американските власти предупредуваат дека Русија сепак го направила тоа. Во ноември, Мелори Стјуарт, помошник државен секретар на САД за контрола на вооружувањето, одвраќање и стабилност, ги наведе извештаите од Украина дека Москва користи „агенси за контрола на немири“ во војувањето.