Свет
Путин: Го симпатизирав Трамп на изборите во 2016, што има тука лошо?
Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека го „симпатизирал“ Доналд Трамп како кандидат на претседателските избори во 2016 година, бидејќи Трамп сакал повторно да воспостави нормални односи со Русија.
Во разговор со американскиот режисер, Оливер Стоун, кој во петокот беше објавен од страна на Кремљ, Путин рекол дека никогаш не бил, ниту пак ќе биде вмешан во избори во САД.
Односите меѓу Москва и Вашингтон долго време се затегнати поради откритието на американските разузнавачки служби дека Русија се обидела да влијае врз резултатите од претседателските избори во 2016 година, на кои Трамп дојде на власт.
Американските агенции велат дека Русија користела дезинформации и други тактики со цел да ја поддржи кампањата Трамп. Путин упорно го негира ова.
„Ако некој од нашите блогери, а јас не можам да знам кој се е на интернет, на еден или друг начин изразил став за политичката ситуација во САД, тоа сигурно не би можело да одигра одлучувачка улога во исходот на изборите. Таквите тврдења се бесмислени“, вели Путин.
„Но, го симпатизиравме него (Трамп), бидејќи пораката му беше дека сака повторно да воспостави нормални односи со Русија. Зарем тука има нешто лошо? Се разбира, не можевме, а де не ги поздравиме таквите негови позиции“, додаде рускиот претседател.
Во 2017 година американскиот режисер, Оливер Стоун, издаде мини документарен серијал насловен „Интервјуа со Путин“, а неодамна повторно седна лице в лице со рускиот претседател за да го интервјуира за наговиот најнов филм „Разоткривање – Украина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вонредна состојба во регион во Русија, поради несреќа во рудник затрупани 13 лица
Во Амурската област, на рускиот далечен исток, воведена е вонредна состојба поради инцидентот во рудникот за злато „Пионир“, во областа Зеја, каде 13 лица останаа заробени под урнатините поради пад на карпа, соопштија од тој регион.
„Во Амурската област е воведена регионална вонредна состојба поради инцидентот во рудникот Пионир во областа Зеја со цел да се мобилизираат сите сили и ресурси. Оваа одлука е донесена на вонредна седница што ја одржа регионалниот гувернер“, се вели во соопштението на локалната самоуправа.
Претставник на службата за вонредни состојби за РИА Новости изјави дека во рудникот во моментот на уривањето имало 13 лица. Групата спасувачи, главно од Руската Република Јакутија, се состои од 25 вработени, а со нив пристигнале и четири парчиња опрема.
Покрај тоа, хеликоптерот Ми-8 на руското Министерство за вонредни ситуации полета од територијата Хабаровск до местото на несреќата, пренесува Интерфакс. Од оперативните служби за Интерфакс велат дека, според првичните информации, луѓето се на длабочина од 100 до 150 метри, а засега нема информации за можни жртви.
Свет
Силен земјотрес го погоди Пакистан
Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Белучистан во Пакистан, соопшти германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ).
ГФЗ додаде дека земјотресот бил на длабочина од 10 километри, пренесува Ројтерс.
Засега нема информации за жртви, а не се знае и колкава е штетата предизвикана од земјотресот.
Свет
Дваесет загинати во израелски воздушни напади
Дваесет Палестинци се убиени рано утринава во израелските воздушни напади врз Рафах, како и врз централниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти во енклавата.
Тие додадоа дека во Рафах, на југот на енклавата, каде во моментов се наоѓаат над милион Палестинци, 14 лица загинаа, а десетици други се ранети во нападите што погодија неколку куќи и станови.
Уште шест лица загинаа во вториот воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, додадоа официјални лица.
Деир Ал Балах, град во централниот дел на Појасот Газа, на околу 14 километри јужно од градот Газа, исто така беше бомбардиран во текот на ноќта, јавува Ројтерс.
Од почетокот на израелската агресија врз Газа, според Министерството за здравство во Појасот Газа, загинале повеќе од 31.000 луѓе.
Шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, во понеделникот отиде во Катар за да ги продолжи преговорите за привремен прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во Газа, пишува „Тајмс оф Израел“.