Свет
Путин итно сака да преговара со НАТО и САД за безбедноста на Русија
Рускиот претседател, Владимир Путин, повика веднаш да се почнат преговори со НАТО и Соединетите Американски Држави за гаранциите за руската безбедност поради тензиите за Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата веднаш да се почнат преговори со САД и НАТО за да се обезбедат правни гаранции за безбедноста на нашата земја и да се спречи идно ширење на сојузот на исток и распоредување оружени системи во Украина и соседни земји што би биле закана за Русија“, истакна Кремљ во соопштение објавено по телефонскиот разговор на рускиот претседател со финскиот колега, Саули Нинисто.
Рускиот претседател во разговор преку видеолинк на почетокот на декември побара од американскиот претседател Џо Бајден правни гаранции за да се исклучи секакво ново проширување на НАТО бидејќи Москва оценува дека Западот, отворајќи им ја вратата на воениот пакт на земјите од Источна Европа и поранешниот СССР, го прекрши усното ветување дадено по распадот на Советскиот Сојуз.
Во таа смисла Русија го смета евентуалното членство на Киев за преминување преку црвена линија.
Западот во моментот стравува дека Русија подготвува инвазија во Украина и трупа сили на заедничката граница.
Кремљ ги отфрла тие обвинувања и тврди дека НАТО ја загрозува Русија вооружувајќи го Киев и распоредувајќи сè повеќе воздухопловни и поморски сили во Црното Море.
Путин воедно повторно ги обвини украинските власти дека го кршат договорот од Минск, кој содржи насоки за воспоставување мир на истокот на Украина, во Донбас, каде што Киев веќе речиси осум години војува со проруските бунтовници за кои тврди дека добиваат наредби од Кремљ.
„Рускиот претседател истакна дека украинските власти, кршејќи го договорот од Минск, отворено се закануваат со сила користејќи во Донбас тешко оружје и напади со беспилотни летала“, истакна Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.
Свет
Британска влада: Ендру би можел да го изгуби своето место во редот за наследување на тронот
Британската влада ќе разгледа донесување нов закон за отстранување на Ендру Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, од линијата на наследување на тронот, потврди британски функционер во петокот.
Таквиот потег би дошол дури по завршувањето на тековната полициска истрага за неговите врски со покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, објави Ројтерс.
Функционерот, кој побара да не биде именуван, објасни дека секоја промена во линијата на наследување би барала консултации и договор со други земји каде што кралот Чарлс, братот на Ендру, поглавар на државата.

