Свет
Путин итно сака да преговара со НАТО и САД за безбедноста на Русија
Рускиот претседател, Владимир Путин, повика веднаш да се почнат преговори со НАТО и Соединетите Американски Држави за гаранциите за руската безбедност поради тензиите за Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата веднаш да се почнат преговори со САД и НАТО за да се обезбедат правни гаранции за безбедноста на нашата земја и да се спречи идно ширење на сојузот на исток и распоредување оружени системи во Украина и соседни земји што би биле закана за Русија“, истакна Кремљ во соопштение објавено по телефонскиот разговор на рускиот претседател со финскиот колега, Саули Нинисто.
Рускиот претседател во разговор преку видеолинк на почетокот на декември побара од американскиот претседател Џо Бајден правни гаранции за да се исклучи секакво ново проширување на НАТО бидејќи Москва оценува дека Западот, отворајќи им ја вратата на воениот пакт на земјите од Источна Европа и поранешниот СССР, го прекрши усното ветување дадено по распадот на Советскиот Сојуз.
Во таа смисла Русија го смета евентуалното членство на Киев за преминување преку црвена линија.
Западот во моментот стравува дека Русија подготвува инвазија во Украина и трупа сили на заедничката граница.
Кремљ ги отфрла тие обвинувања и тврди дека НАТО ја загрозува Русија вооружувајќи го Киев и распоредувајќи сè повеќе воздухопловни и поморски сили во Црното Море.
Путин воедно повторно ги обвини украинските власти дека го кршат договорот од Минск, кој содржи насоки за воспоставување мир на истокот на Украина, во Донбас, каде што Киев веќе речиси осум години војува со проруските бунтовници за кои тврди дека добиваат наредби од Кремљ.
„Рускиот претседател истакна дека украинските власти, кршејќи го договорот од Минск, отворено се закануваат со сила користејќи во Донбас тешко оружје и напади со беспилотни летала“, истакна Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.