Европа
Путин нареди регрутирање 133.000 нови војници

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133.000 војници во есенското регрутирање, кое започнува на 1 октомври и трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, регрутите нема да одат на боиштата во Украина.
Декретот на Кремљ, објавен во вчерашниот руски државен весник „Росијскаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст од 18 до 30 години, кои не се во резерва и се предмет на воена служба во согласност со федералниот закон (…) во износ од 133.000 луѓе.“
Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вицеадмирал Владимир Цимлјански изјави дека условите за регрутирање остануваат исти – 12 месеци стаж во воените единици во Русија.
„Би сакал да забележам дека регрутите нема да бидат поканети да учествуваат во специјална воена операција во новите региони“, го цитира весникот рускиот вицеадмирал.
Русија ја нарекува војната во Украина, која започна со инвазијата во февруари 2022 година, специјална воена операција. Киев и неговите сојузници тоа го нарекуваат брутална агресија и неиспровоциран, империјалистички обид за заземање на земјата.
Во потег што го осуди поголемиот дел од западниот свет, Русија анектираше делови од југоисточна Украина кон крајот на 2022 година, нарекувајќи ја земјата „нови региони“, потсетува Ројтерс.
Наведувајќи ги зголемените закани на западните граници на Русија, Путин нареди во септември руската војска да се прошири за 180.000 војници на 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина во светот по кинеската.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Данските власти поставија воен радар на аеродромот во Копенхаген за откривање дронови

Откога неидентификувани дронови беа забележани над данските аеродроми и воени бази речиси секоја вечер минатата недела, данските власти презедоа низа мерки за да се осигурат дека претстојниот состанок на лидерите на Европската Унија во Копенхаген ќе помине без безбедносни закани.
Откога минатата сабота беше забранета целата активност на дронови над Данска, фрегатата на германската морнарица „ФГС Хамбург“ се закотви во пристаништето во Копенхаген во неделата. Германскиот брод ќе придонесе за надзор на данскиот воздушен простор за време на самитот на Европската Унија, објавија данските медиуми.
Најновата мерка на данските власти е инсталирање современ радар за откривање и следење дронови „Вајбел Ксента“ на аеродромот „Каструп“ во Копенхаген.
Данската полиција и Генералштабот на вооружените сили не сакаа да дадат подетаљни информации за радарот што може да се види зад оградата кај „Каструп“. Познато е само дека станува збор за уред од данската компанија „Вајбел саентифик“, што може да детектира сите летала на растојание до 30 километри.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Секој друг извор на нафта и гас, освен рускиот, е несигурен и поскап

Снабдувањето на гас и нафта од Русија е загарантирано за Унгарија, а секој друг извор на енергија е несигурен и поскап, изјави денес унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Ниеден разумен човек не би разменил нешто сигурно за нешто неизвесно“, рече Орбан денес во поткастот Fight Hour, како што објави унгарската агенција MTI. Унгарскиот премиер рече дека испораката на енергија од Русија е загарантирана и дека цената е пониска отколку од другите земји. Доколку Унгарија купува нафта и гас од други земји по повисока цена, ќе мора да им наплаќа повеќе на своите жители, рече Орбан.
Унгарија, Словачка и Чешка се трите европски земји на кои им се дадени ослободувања од европските санкции за увоз на руска нафта. Чешка оттогаш обезбеди други извори на снабдување, но Унгарија и Словачка продолжуваат да увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“.
фото: принтскрин
Европа
Рекорден премин на Ла Манш: 125 мигранти пристигнаа со еден брод

Рекорден премин на Ламанш беше забележан во саботата кога дури 125 лица пристигнаа во еден мал брод, што е досега најголем број патници во еден брод. Вкупно, речиси 900 мигранти го преминаа Ламанш во саботата, пишува Би-би-си.
Со ова е соборен претходниот рекорд од август, кога во еден брод имаше 106 лица. Официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека 895 мигранти пристигнале во 12 бродови во саботата, со што вкупниот број на преминувања од почетокот на 2025 година достигна приближно 33.000.
Во сенка на нова трагедија
Веста доаѓа откако уште еден мигрант почина обидувајќи се да премине, а неговото тело беше пронајдено во неделата наутро на плажа во близина на Булоњ-сур-Мер во северна Франција, објави новинската агенција АФП.
Возраста и националноста на починатиот сè уште не се познати. Обвинителката на пристанишниот град, Сесил Гресиер, изјави за АФП дека истрагата ќе утврди дали постои врска помеѓу оваа смрт и обидот за премин во близина на Екиен-Плаж, каде што беше пронајдена 49-годишна жена и однесена во болница поради хипотермија.
Во саботата, две жени од Сомалија исто така ги загубија животите откако нивниот импровизиран чамец наиде на проблеми. Со ова, бројот на смртни случаи при обид за нелегално преминување од Франција во Велика Британија оваа година се искачи на најмалку 27.
фото: принтскрин