Свет
Путин најавува силен одговор ако се случи ракетен напад со Томахавк: „Нека размислат за тоа“
Рускиот претседател, Владимир Путин, упати остро предупредување до Соединетите Американски Држави, најавувајќи дека Русија силно ќе одговори во случај на напад со американски ракети „Томахавк“ на нејзина територија, објавија руските државни медиуми.
„Ако таквото оружје се користи за удар врз руска територија, одговорот ќе биде многу силен. Да не кажам – зачудувачки. Нека размислат за тоа“, рече Путин.
Тој ги нарече разговорите за можноста за испорака на вакви ракети во Киев обид за ескалација на конфликтот.
Рускиот претседател ги опиша новите американски санкции против Москва се непријателски чин што не ги зајакнува руско-американските односи. Како што оцени, новите санкции нема да имаат значително влијание врз економската благосостојба на земјата.
Рускиот претседател, исто така, рече дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за влијанието на ситуацијата со руската нафта врз цените низ целиот свет, вклучително и во САД.
„Ова ќе доведе до нагло зголемување на цените на нафтата и нафтените производи, вклучително и на бензинските пумпи. И САД не се исклучок. И со оглед на внатрешниот политички календар на САД, јасно е колку чувствителни ќе бидат некои процеси во овој поглед. И оние што наметнуваат такви одлуки на сегашната администрација мора да разберат за кого работат“, рече Путин.
Вчера, САД објавија дека воведуваат нов пакет санкции против Русија, кој вклучува мерки против најголемите нафтени компании Роснефт и Лукоил и нивните подружници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

