Свет
Путин: Неопходно е да се размисли како да се запре трагедијата во Украина, Русија никогаш не ги одбила мировните преговори

Рускиот претседател Владимир Путин денеска пред групата Г-20 водечки светски економии изјави дека е неопходно да се размислува како да се запре трагедијата на војната во Украина и дека Москва никогаш не одбила да учествува во мировните преговори со Киев.
Путиn ги праша своите колеги дали се вознемирени од истребувањето на цивилите во Појасот Газа или од фактот што во тамошните болници се вршат сериозни операции на деца без анестезија.
„Дали сте потресени од фактот што секретарот на ОН рече дека Појасот Газа се претвори во огромни детски гробишта“, ги праша тој колегите кои во говорите пред него кажаа дека се потресени од „руската агресија во Украина“, пренесува „РТ Балкан“.
„Да, се разбира, воените дејствија секогаш се трагедија“, рече Путин на состанокот на групата Г-20, што беше свикан од индискиот премиер Нарендра Моди, актуелниот претседавач.
„И секако, треба да размислиме како да ја запреме оваа трагедија. Патем, Русија никогаш не ги одбила мировните преговори со Украина“, додаде Путин.
Висок руски функционер вчера изјави дека Москва не може да коегзистира со актуелната влада во Киев и дека ќе продолжи со, како што ја нарекува, специјална воена операција за демилитаризација на Украина, според написите на медиумите во регионот.
Путин не учествуваше на претходните самити на Г-20 во Њу Делхи оваа година и Нуса Дуа минатата година, каде што го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Во 2021 и 2020 година рускиот претседател им се обрати на учесниците на состаноците на самитот од Москва. Последен пат тој лично присуствуваше на собирот на групата Г-20 во јапонскиот град Осака во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.
Свет
Америка ѝ нуди на Украина заштита слична на НАТО, Путин, наводно, се согласил

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави во интервју за „Си-ен-ен“ дека рускиот претседател Владимир Путин за прв пат се согласил да вклучи клаузула за колективна одбрана во потенцијален мировен договор за Украина.
Зборувајќи во емисијата „Состојбата на Унијата“, Виткоф појасни дека договорот е замислен како заобиколување на црвената линија на Русија – членството на Украина во НАТО. Наместо формално да се приклучат на Алијансата, САД и европските земји ќе понудат безбедносни гаранции со формулацијата „слична на Член 5“, која ги обврзува сите членки на меѓусебна одбрана.
„Се согласивме дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји би можеле да понудат формулација слична на Член 5 како дел од безбедносната гаранција“, рече Виткоф. Тој додаде дека Путин јасно ставил до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо, но дека тие ги започнале преговорите од претпоставката дека Украинците можат да се согласат на алтернатива.
„Сè зависи од тоа со што можат да живеат Украинците. Но, почнувајќи од тоа, успеавме да ја добиеме оваа отстапка – дека САД можат да понудат заштита слична на Член 5“, рече тој.
Виткоф нагласи дека ова е „прв пат да слушнеме дека Русите се согласиле“ на таква клаузула во кој било мировен договор.
Досега, ниту рускиот претседател ниту други функционери јавно не коментирале за толкувањето на преговорите од страна на администрацијата на Трамп.