Свет
Путин: Ние сме за примирје, но многу прашања прво треба да бидат одговорени
Рускиот претседател, Владимир Путин, изрази подготвеност за примирје во Украина, но нагласи дека е неопходно да се решат клучните прашања пред неговото воспоставување.
Toj првин, му се заблагодари на претседателот на САД, Доналд Трамп за учеството во решавањето на конфликтот. Путин ја нагласи потребата од сеопфатен мировен договор што би обезбедил долгорочен мир.
„Се чини дека Украина ја донесе одлуката под американски притисок. Убеден сум дека Украина прифати затоа што Американците ги убедиле, имајќи ја предвид ситуацијата на теренот. Бев во Курск, ситуацијата е целосно под наша контрола. Групата што влезе во оваа област е опколена. Украинското воено раководство е елиминирано, изгубија таму. Потоа се обидуваа да избегаат во мали групи, но сè е под наша контрола. Оставија опрема. Во следните неколку дена ќе ја блокираме регијата, никој нема да може да замине. Ќе има само два начина за излез – смрт или предавање“, рече Путин.
Додаде дека за украинската страна би било добро да има 30 дена примирје, и Русија се согласува, но прашува што значи тоа за Курск.
„Дали тоа значи дека Украинците слободно ќе си заминат, дури и оние кои извршиле злосторства? Што ќе се случи на првата линија? Русија моментално е во офанзива на сите фронтови. Како ќе ги искористат тие 30 дена? За да продолжат со присилната мобилизација во Украина, да добиваат оружје и да тренираат единици? Како ќе се спроведува контролата, како може да ни биде гарантирано дека тоа нема да се случува? Кој ќе ги издава наредбите за прекин на огнот? Станува збор за 2000 километри – кој ќе одлучува кој и каде го прекршил примирјето? Ова се прашања што мораат детално да бидат разгледани од двете страни. Идејата како таква е добра, но мора да се дискутира. Мораме да разговараме со американските партнери, можеби да разговараме со претседателот Трамп. Но, поддржуваме решение на конфликтот со мирен пат,“ изјави Путин.
„Ги знаеме нашите интереси и цели, разговаравме со Трамп. Гледавме како Зеленски беше понижен во Белата куќа и насекаде. Сега мора да размислува за мир. Немаше ни збор за договор за минералите, а сега се согласуваат на тоа,“ додаде тој.
Според Путин, ако Русија и САД се договорат да соработуваат во областа на енергетиката, тогаш гасоводите кон Европа можат повторно да се активираат, и Европа ќе добие евтин гас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.

