Свет
Путин потпиша, Русија се повлекува од договорот „Отворено небо“

Рускиот претседател, Владимир Путин, денескa потпиша закон со кој Русија официјално се повлекува од договорот за контрола на оружјето наречен „Отворено небо“, кој дозволува невооружени летови за надзор над земјите членки.
Администрацијата на американскиот претседател, Џо Бајден, во мај ја извести Москва дека нема повторно да влезе во овој договор откако администрацијата на Трамп го напушти минатата година. Кога Трамп го објави повлекувањето, десет земји кои го потпишаа договорот „Отворено небо“ изразија жалење за повлекувањето на Америка од договорот.
„Жалиме за објавата на американската влада дека има намера да се повлече од договорот ‘Отворено небо’“, иако споделуваме загриженост во врска со спроведувањето на одредбите на тој договор од страна на Русија“, стои во писмото потпишано од министрите за надворешни работи на десет земји членки на НАТО. Писмото го потпишаа Белгија, Чешка, Финска, Франција, Италија, Луксембург, Холандија, Германија, Шпанија и Шведска.
Договорот за отворено небо е склучен во 1992 година и стапи на сила во 2002 година. Тој е потпишан од 35 земји и им овозможува на земјите потписнички да вршат набљудувачки летови над териториите на земјите потписнички. Договорот придонесува за транспарентност, што треба да ја зајакне довербата на земјите потписнички во соработката за безбедносните прашања. Од неговото влегување во сила, регистрирани се над 1.500 летови за набљудување.
Русија денес соопшти дека одлуката на САД да се повлечат од договорот значително ја нарушила рамнотежата на интересите меѓу членките на пактот и ја принудила Русија да го напушти истиот, пишува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Песков: ЕУ и НАТО ја обвинуваат Русија секој ден без докази

Портпаролот на руското претседателство, Дмитриј Песков, денес изјави дека раководството на ЕУ и НАТО секојдневно ја обвинува Русија за провокации, најчесто без да се обиде да изнесе какви било аргументи.
Песков го кажа ова пред новинарите, одговарајќи на прашање дали НАТО и ЕУ ја обвинуваат Русија за провокации со беспилотни летала во Полска, пренесува РИА Новости.
Полскиот премиер Доналд Туск тврди дека опасните беспилотни летала соборени над Полска биле руски, но, според руската агенција, тој не доставил никакви докази за ова.
Како што изјави за РИА Новости вршителот на должноста руски амбасадор Андреј Ордаш, Полска не доставила докази за наводното руско потекло на беспилотните летала соборени над нејзина територија.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан: Штета е што Фон дер Лајен мора да се грижи, листата на недостатоци на ЕУ им е позната на сите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека е штета што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, морала да се грижи и да се бори додека ја презентирала состојбата на ЕУ во својот годишен говор до нацијата бидејќи листата на слабости на Унијата им е позната на сите.
„Урсула фон дер Лајен денес ја оценува состојбата на Унијата. Штета е што мора да се грижи“, напиша Орбан на својата страница на социјалните мрежи, објавува унгарски „Немзет“.
Тој додаде дека листата на недостатоци им е позната на сите – бавна економија, влошување на конкурентноста, миграциска криза и насилство, изгубена војна, бесмислена зелена политика.
„Народите на Европа се презаситени од ова. Затоа патриотските сили стануваат посилни во цела Европа. Затоа француската влада постојано пропаѓа, затоа Навроцки победи во Полска и затоа Андреј Бабиш ќе победи во Чешка“, напиша Орбан на „Фејсбук“ со забелешка дека „срамно е што Урсула фон дер Лајен мора да страда“, пренесува „Танјуг“.
Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот годишен говор до нацијата во Европскиот парламент, прв во нејзиниот втор мандат, и изјави дека само обединета и повторно обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Упадот со руски беспилотни летала во Полска е исклучително загрижувачки

Британскиот премиер Кир Стармер утрово остро го осуди рускиот упад во полскиот воздушен простор нарекувајќи го екстремно загрижувачки.
Стармер го опиша нападот врз Украина како варварски и додаде дека тоа е грубо неодговорен потег на Русија што само го потврдува очигледното непочитување на мирот од страна на Путин и континуираното бомбардирање невини Украинци.
Тој рече дека разговарал со полскиот премиер Доналд Туск за јасно да ја стави до знаење поддршката на Обединетото Кралство. „Искрено сум им благодарен на НАТО и на полските сили, кои бргу реагираа за да ја заштитат алијансата“, рече Стармер.
Тој додаде дека Велика Британија, заедно со партнерите и преку раководството на коалицијата на волјата, ќе продолжи да го зголемува притисокот врз Путин сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Фото: принтскрин