Свет
Путин потпиша указ за привремено управување со имотот на непријателските земји
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал указ за воведување привремено управување со имотот на лица од непријателските земји како одговор на заплената или ограничувањето на правото на располагање со руски имот во странство.
Во преамбулата на декретот се вели дека се потребни итни мерки како одговор на незаконските дејства на САД и другите западни земји насочени кон лишување или ограничување на правата на сопственост на Руската Федерација, нејзините компании и граѓани, пренесува ТАСС.
Уредбата предвидува дека во случај на вакви непријателски дејства ќе се воведе привремена управа над имотот што во Русија го поседуваат сопственици од непријателски земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британски министер: Нашите војници нема да одат во Украина
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека Обединетото Кралство нема да испрати војници во Украина, откако вестите сугерираа дека Британија и Франција ја разгледуваат оваа опција.
Тензиите меѓу Русија и Западот значително ескалираа во последниве денови, откако американскиот претседател Џо Бајден ја овласти Украина да користи ракети со долг дострел доставени од САД за напад на цели во Русија.
„Монд“ вчера објави дека Франција и Велика Британија „не ја исклучуваат“ можноста за испраќање војници и приватни одбранбени компании во Украина, повикувајќи се на неименувани извори.
Дебатата за испраќање војници во Украина беше повторно покрената по посетата на британскиот премиер Кир Стармер на Франција на 11 ноември, пишуваат француските весници.
Но, на прашањето за извештајот во интервју, британскиот министер за надворешни работи рече дека ставот на ОК да не испраќа војници во Украина не е променет.
„Јасно е дека сме подготвени и дека продолжуваме да ги поддржуваме Украинците, особено со тренинзи, но постои долгогодишен став дека не испраќаме британски војници на местото на настанот“, изјави Лами за весниците Ла Република, Ле Монд и Ди Велт на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
Свет
Лавров: НАТО ги премина сите граници на пристојност
Северноатлантската алијанса ја премина границата на секаква пристојност, дозволувајќи си да дава изјави за можноста за превентивни напади на руска територија, изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Тој денеска на состанокот на шефовите на безбедносните агенции и разузнавачките служби на земјите од ЗНД соопшти дека шефот на воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, ги соопштил вистинските намери на Алијансата, кога кажал дека размислуваат за извршување превентивни удари против Русија во случај на можен вооружен конфликт, пренесува ТАСС.
„Шефот на воениот комитет на НАТО отворено рече дека, за да се постигнат целите за заштита и одбрана на земјите-членки на НАТО, треба да се извршат превентивни напади врз цели во Русија кои, според мислењето на НАТО, можат да предизвикаат Закана за земјите-членки на Алијансата, тие ја преминаа границата на пристојноста и веќе јавно ги кажуваат своите вистински намери“, дополнува Лавров.
Свет
Медведев: Пренесувањето на нуклеарно оружје во Украина би било еквивалентно на напад врз Русија
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев денеска изјави дека трансферот на нуклеарно оружје во Украина ќе биде еквивалентен на акт на напад против Русија врз основа на одредбите на ажурираната нуклеарна доктрина на Руската Федерација.
„Самата закана за пренесување нуклеарно оружје на режимот во Киев може да се смета за подготовка за нуклеарен конфликт со Русија“, напиша Медведев на својот канал Телеграм, пренесе ТАСС.
„Њујорк тајмс“ претходно објави дека американски и европски претставници предложиле враќање на нуклеарното оружје на Украина, кое таа го напушти по распадот на СССР. Весникот оценува дека таквиот чекор е тежок за спроведување и дека се заканува да предизвика „сериозни последици“.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела потпиша указ за одобрување на ажурираната нуклеарна доктрина.