Свет
Путин со нови услови за крај на војната: ќе бара писмени гаранции дека Украина нема да му се приклучи на НАТО

Условите на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучуваат барање западните лидери писмено да ветат дека ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток и ќе укинат некои санкции врз Русија, според руски извори запознаени со разговорите, пренесуваат светските медиуми.
Според написите, американскиот претседател Доналд Трамп постојано повторува дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна и покажа растечка фрустрација кон Путин во последните денови предупредувајќи вчера дека рускиот лидер си игра со оган, со тоа што одбива да се вклучи во преговори за прекин на огнот со Киев додека неговите сили остваруваат придобивки на бојното поле.
„Тој е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“.
По разговорот со Трамп повеќе од два часа минатата недела, Путин рече дека се согласил да соработува со Украина на меморандум што ќе ги утврди принципите на мировниот договор, вклучително и временска рамка за прекин на огнот.
Русија вели дека во моментот ја изготвува својата верзија на меморандумот и не може да процени колку време ќе биде потребно.
Киев и европските влади ја обвинуваат Москва за одложување додека нејзините трупи напредуваат во источна Украина.
„Путин е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“, вели еден руски извор запознаен со размислувањето на високите функционери на Кремљ, кој се согласи да зборува под услов на анонимност, пренесува „Ројтерс“.
Три руски извори рекоа дека Путин сака писмено ветување од големите западни сили дека НАТО, предводен од САД, нема да се шири кон исток, што би значело исклучување на Украина, Грузија, Молдавија и на други поранешни советски републики од членство.
Русија сака Украина да биде неутрална, укинување на некои западни санкции, решавање на замрзнатите руски средства на Запад и заштита на руските говорници во Украина, велат изворите.
– Писмено ветување дека НАТО нема да се шири кон исток;
– Украина како неутрална држава;
– Укинување на некои западни санкции;
– Решавање на прашањето за замрзнатите руски средства;
– Заштита на руските говорници во Украина.
Првиот рече дека ако Путин сфати дека не може да постигне мировен договор по свои услови, ќе се обиде да им покаже на Украинците и на Европејците преку воени победи дека утрешниот мир ќе биде уште поболен.
Кремљ не одговори на барањето за коментар.
Путин и руските претставници постојано повторуваат дека секој мировен договор мора да ги реши коренските причини на конфликтот, што за Русија значи, пред сè, прашањето за проширување на НАТО.
Киев вели дека на Русија не треба да ѝ се даде вето на кандидатурата на Украина за членство во НАТО и тврди дека ѝ се потребни силни безбедносни гаранции од Западот за да се одврати од каков било иден руски напад.
Администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски не одговори на барањето за коментар.
НАТО исто така во минатото изјави дека нема да ја промени својата политика на отворени врати, само затоа што Москва го бара тоа. Портпаролот на алијансата од 32 члена не одговорил на прашањата од „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора планира да произведува дронови; САД: Покажуваат дека се сериозни

Црна Гора планира да започне со производство на беспилотни летала во соработка со американска компанија, а првата серија ќе биде донирана на Украина, објавија денес црногорските медиуми, повикувајќи се на „писмо за намери“ усвоено од владата во Подгорица кон крајот на мај.
Во тој документ, како што објави Радио Слободна Европа, црногорската влада наведува дека оваа иницијатива ќе ги подобри капацитетите на војската во однос на НАТО, ќе ги поддржи одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како сигурен снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар.
Се нагласува дека договорот вреден 15 милиони долари ќе биде поддржан и од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Писмото за намери усвоено од црногорската влада на 29 мај наскоро ќе го потпишат црногорскиот министер за економски развој Ник Ѓељошај и Роберт Џ. Донахју, директор на компанијата „Бај Лајт Профессионал ИТ Сервисиз ДОО“. Тоа ќе биде претходница на договорот што треба да се потпише во септември.
Договорот предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот за тестирање на воздушни и подводни технологии на беспилотни системи. Исто така, се наведува дека владата на Црна Гора се согласува да ја донира првата серија беспилотни системи од рано производство и сродна одбранбена опрема на Украина.
Амбасадата на САД објави дека договорот, доколку биде одобрен, ќе промовира заедничка безбедност, стабилност и напредок и дека владата на САД ги охрабрува сите земји-партнери да инвестираат и да соработуваат со американските компании.
„Инвестирањето во одбранбени капацитети, како што се американските беспилотни воздушни системи, ја покажува сериозноста на Црна Гора во исполнувањето на своите обврски кон Алијансата во време кога бараме од Европа да преземе поголем товар за нејзината безбедност“, порачаа тие.
Европа
Естонија се повлекува од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини, стравува од Русија

Парламентот на Естонија денес гласаше за повлекување од Конвенцијата од Отава со која се забранува употребата на противпешадиски мини, поради загриженост за потенцијална воена закана од соседна Русија.
Осумдесет и еден од 101 пратеници го поддржаа предлогот, соопшти прес-службата.
Сите пет земји од Европската Унија и НАТО што граничат со Русија – Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Финска – објавија планови за повлекување од меѓународниот договор поради воената закана што ја претставува нивниот многу поголем сосед.
Русија не е членка на Конвенцијата од Отава и користеше мини при инвазијата на Украина. Гласањето на Естонија следеше по гласањето на Латвија и Литванија, чии парламенти веќе го одобрија повлекувањето. Земјите ќе можат да складираат и распоредуваат мини шест месеци откако ќе ги известат другите членки на договорот и Обединетите нации за нивната одлука. Ниту една од петте земји сè уште не го сторила тоа.
Регион
Европската комисија не се откажува од рудникот за литиум во Србија, тој се појави на новата листа

Европската комисија денес објави список од 13 стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји, вклучувајќи го и проектот Јадар во западна Србија, кој предизвика силни протести и спротивставување во таа земја.
Списокот на стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји вклучува проекти во Канада, Гренланд, Казахстан, Норвешка, Србија, Украина, Замбија, Нова Каледонија, Мадагаскар, Малави, Јужна Африка и Обединетото Кралство.
Според проценката на Комисијата, избраните проекти, од кои повеќето се однесуваат на суровини неопходни за производство на електрични возила и батерии, како што се литиум, никел, кобалт, манган и графит, бараат вкупно 5,5 милијарди евра капитални инвестиции за да започнат со работа.
На листата е вклучен и проектот Јадар во долината на реката Јадар во западна Србија, кој предизвика широко распространето негодување и отпор поради страв од загрозување на здравјето на луѓето и животната средина.
На почетокот на 2022 година, српската влада го поништи усвоениот просторен план за рудникот во долината на реката Јадар и го запре проектот. Сепак, во јули минатата година, повторно донесе одлука со која му дозволи на британско-австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“ да го рестартира својот проект за рударство на литиум.
Избраните стратешки проекти ќе добијат поддршка од Комисијата, земјите-членки и финансиските институции во форма на полесен пристап до финансирање. Комисијата, исто така, ќе ја зајакне соработката со трети земји за да се обезбеди развој на овие проекти, особено преку стратешки партнерства што веќе се воспоставени со некои од земјите.