Свет
Путин со реакција на одговорот од Западот: „Го игнорираат клучното прашање“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека САД и НАТО не ги исполниле безбедносните барања на Русија во однос на Украина, но Москва сѐ уште е подготвена да разговара. Ова е прва реакција на Путин на писмените одговори на Западот на барањата на Русија, кои ги даде во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон по неколкунеделниот молк за кризата на украинско-руската граница, пренесуваат медиумите во светот.
Кремљ соопшти дека Путин му рекол на Макрон дека ќе ги проучи писмените одговори од Вашингтон и НАТО оваа недела пред да одлучи за понатамошна акција.
„Привлечено е внимание на фактот дека САД и НАТО не ги зедоа предвид главните грижи на Русија“, соопшти Кремљ. Сè уште не е објавен писмен одговор, но Лавров во четвртокот рече дека јавноста набргу ќе биде информирана.
Русите бараат од Западот да не го шири НАТО на исток и да не поставува офанзивно оружје во близина на границите на Русија. Москва сака северноатлантските воени капацитети и инфраструктура да се вратат на она што беше пред поранешните земји од Варшавскиот пакт да влезат во НАТО.
„Клучното прашање е игнорирано – како САД и нивните сојузници имаат намера да го почитуваат принципот на безбедносен интегритет дека никој не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на безбедноста на друга држава?“, истакнале од Кремљ, кој често се повикува на декларации на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кои ги содржат овие принципи, пишува во новинарските извештаи.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во петокот изјави дека Москва не сака војна.
„Ако зависи од Русија, нема да има војна. Ние не сакаме војни. Но, исто така не сакаме нашите интереси да бидат газени, игнорирани“, изјави тој за руските радиостаници.
Во петокот тој изјави дека не може да ја исклучи можноста во источна Украина да има сили што сакале да предизвикаат конфликт, пренесуваат руските агенции.
„Според западните податоци, мислам дека има околу 100.000 војници на фронтот. А режимот во Киев не ги контролира повеќето од овие вооружени луѓе“, рече Лавров.
НАТО во петокот соопшти дека внимателно ја следи Русија, која регрупирала десетици илјади војници во близина на границата со Украина. Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека алијансата е подготвена да го зголеми своето воено присуство во Европа и дека руската агресија може да има и форма на сајбер-напад, обид за државен удар или саботажа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

