Свет
Путин ѝ нуди на Белорусија заем од милијарда долари
Рускиот претседател, Владимир Путин, во понеделникот ѝ понуди на Белорусија заем од милијарда долари додека му беше домаќин на својот белоруски колега во резиденцијата во Сочи, Русија. Посетата го одбележа првото патување во странство на Александар Лукашенко по избувнувањето на протестите во неговата земја со барање да поднесе оставка, пренесува РТ.
„Русија ќе ѝ даде заем од 1,5 милијарда долари на Белорусија. Нашите министри за финансии работат на тоа. Исто така, ќе треба да ја продолжиме нашата соработка во воената област. Денес, почнуваме вежби што ги испланиравме минатата година и ќе траат неколку дена. И, повторно, за да се избегнат какви било шпекулации, ќе нагласам дека овие вежби беа планирани, па дури и објавени минатата година“, рече Путин.
Путин беше внимателен да не ги дефинира своите понуди за финансиска и воена помош за Белорусија како поддршка за одржување на моќта на Лукашенко, пред сè, поголемото спротивставување на неговото владеење. Наместо тоа, тој тврди дека Русија ја ветила помошта за исполнување на обврските што нацијата ги презела претходно кон Белорусија, што тој ја опиша како најблискиот сојузник на Русија.
Путин се осврна на блиските односи што ги одржуваат двете земји според условите на договорот за создавање на сојузот меѓу Русија и Белорусија од 1999 година, кој повикува на соработка во надворешната политика, одбраната и социјалната и економска политика меѓу двете држави за создавање унифициран парламент и единствена валута во иднина, според „Обзервер рисрч фаундејшн“.
Рускиот претседател во понеделникот конкретно го спомна договорот за сојузот на држави повикувајќи се на интеграцијата меѓу двете држави, што се бара со договорот. Според некои набљудувачи, Путин се залага за исполнување на обврските на пактот со надеж за повторно обединување на Белорусија со Русија за формирање наддржава.
Двајцата лидери претходно се сретнаа во Сочи на почетокот на февруари на слични разговори, во кои Путин го притискаше Лукашенко за понатамошна интеграција со Русија според условите на пактот. Сепак, повеќе од две децении од потпишувањето на договорот тој продолжува да постои во голема мера на хартија, делумно затоа што во минатото Лукашенко не сакаше да ја отстапи власта, тврди „Гардијан“.
Путин се осврна и на актуелните протести во Белорусија повикувајќи го Лукашенко, кој владее со земјата 26 години како претседател, да се повлече. Немирите почнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко беше избран за шести по ред мандат на функцијата.
Неистомислениците излегоа на улиците истиот ден обвинувајќи го државниот изборен комитет за фалсификување на гласањето иницирајќи протестно движење, кое оттогаш продолжува без прекин.
„Многу добро ја знаете нашата позиција. Ние се залагаме за тоа Белорусите сами, без никакво мешање и преку мирен дијалог, да најдат решение, да најдат заедничка основа за тоа како да градат или да работат во иднина. Знаеме за вашиот предлог да почнеме со работа на уставот, сметаме дека има смисла“, рече Путин осврнувајќи се на понудата на Лукашенко за реформа на уставот како одговор на антивладините протести.
Лукашенко е единствениот претседател во историјата на Белорусија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британската полиција ги истражува летовите на Епстин од аеродромот Стенстед
Полицијата во Есекс ги истражува информациите за приватни летови кои слетувале и полетувале од аеродромот Стенстед, по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епстин. Овој потег следи откако поранешниот премиер Гордон Браун минатата недела ја повика британската полиција итно да ги испита тврдењата за криумчарење жени и девојки во земјата со авиони, пренесува Скај њуз.
Браун во текст за „Њу стејтсмен“ навел дека неодамна објавените документи за Џефри Епштајн откриваат дека авионот на осудениот педофил имал 90 летови кон или од британски аеродроми. Тој истакнал дека дури 15 од тие летови се случиле откако Епстин во 2008 година бил осуден за сексуален престап.
Портпаролот на полицијата во Есекс изјавил: Ги проценуваме информациите што се појавија во врска со приватните летови кон и од аеродромот Стенстед, по објавувањето на списите за Епштајн од страна на американското Министерство за правда.
Од аеродромот Стенстед соопштиле дека сите приватни авиони таму оперираат преку независни оператори (Fixed Base Operators), кои се задолжени за сите аспекти на приватното и корпоративното воздухопловство во согласност со прописите. Нагласиле дека сите имиграциски и царински проверки на патниците на приватни летови ги спроведува директно Граничната полиција.
„Тие користат целосно независни терминали со кои не управува Лондон Стенстед и ниту еден патник од приватен авион не влегува во главниот терминал на аеродромот. Аеродромот не управува ниту има увид во патничките аранжмани на приватно оперираните авиони“, се наведува во соопштението.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.

