Свет
Пјонгјанг и’ се заканува на Америка: Секое мешање во нашите операции е објава на војна
Северна Кореја соопшти дека секое мешање во операциите на нејзините извидувачки сателити ќе го смета за објава на војна.
Пјонгјанг рече дека ќе ги употреби своите сили доколку оцени дека неjзините стратешки средства се загрозени.
Пјонгјанг ќе одговори на секое американско мешање со оневозможување на американските шпионски сателити, изјави портпаролот на севернокорејското Министерство за одбрана, пренесе КЦНА.
„Ако САД гледаат на извидувачкиот сателит на КНДР како воена закана, безбројните американски шпионски сателити кои секојдневно летаат над регионот на Корејскиот Полуостров со задача да ги надгледуваат нашите главни стратешки точки треба да се сметаат за примарна цел што треба да се уништи од вооружените сили на Северна Кореја“, соопшти севернокорејското министерство.
Пјонгјанг посочи дека извидувачкиот сателит „Малијонг-1“ е дел од територијата на Северна Кореја над која има суверенитет.
Беше наведено и дека сателитите за извидување не се сметаат за вселенско оружје според меѓународното право, поради нивните технички карактеристики насочени кон набљудување.
Северна Кореја тврди дека успешно го лансирала својот прв воен извидувачки сателит на 21 ноември, од кој добила фотографии од воени објекти на копното на САД, Јапонија и американската територија Гуам.
Портпаролот на американската вселенска команда, на прашањето дали Вашингтон има способност да ги запре извидувачките операции на севернокорејскиот сателит, рече дека САД на различни начини можат да ги елиминираат вселенските способности на противникот, пренесува Ројтерс повикувајќи се на американски медиуми.
Поради лансирањето на извидувачки сателит во четвртокот, САД воведоа нови санкции кон Пјонгјанг во координација со Австралија, Јапонија и Јужна Кореја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Свет
Поддршката за Бајден на најниско ниво во последните две години
Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна на најниско ниво во речиси две години овој месец, што одговара на најнискиот процент од неговиот мандат, покажа денеска објавената анкета на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето покажа дека само 36 отсто од Американците го одобруваат настапот на Бајден, што е намалување од 38 отсто во април.
Ова е враќање на најниското ниво на поддршка за демократски претседател во јули 2022 година, половина година пред Бајден да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Поранешниот претседател Трамп има мала предност пред актуелниот претседател во клучните држави за кои се верува дека ќе го одредат победникот.
Друга анкета на Ројтерс и Ипсос, исто така, покажа дека многу демократи не се согласуваат со одговорот на Бајден на израелската офанзива на Појасот Газа, што дополнително ги загрозува неговите изгледи на ноемвриските избори.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.