Свет
Радиоактивен облак ѝ се заканува на Западна Европа, предупредува шефот на рускиот Совет за безбедност
Уништувањето на артилериска муниција со осиромашен ураниум во Украина создаде радиоактивен облак, кој се движи кон Западна Европа, тврди секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.
Обединетото Кралство ѝ достави на Украина ваков тип муниција за тенковите „челинџер“ од британско производство.
Високиот функционер ја откри наводната закана за време на владиниот состанок денеска, на кој ги обвини САД дека манипулираат со своите сојузници за да обезбедат помош на другите нации, што резултира со нанесување штета на примателите на таа помош.
„САД ѝ ‘помогнаа’ на Украина на овој начин, извршија притисок врз своите сателити да ја снабдуваат со муниција со осиромашен ураниум. Нејзиното уништување резултира со радиоактивен облак, кој се движи кон Западна Европа. Зголемувањето на радијацијата беше детектирано и во Полска“, изјави Патрушев.
Во Украина кружат непотврдени извештаи во врска со целта на рускиот напад минатата сабота, при што Москва рече дека уништила складиште за муниција во градот Хмелницки.
Според тврдењата, воениот објект бил користен за складирање гранати со осиромашен ураниум обезбедени од Британија. Се претпоставува дека материјалот можеби се претворил во прашина од силни експлозии во депото.
Набргу по изјавата на Патрушев, со соопштение се јави руското тело за заштита на потрошувачите, Роспотребнадзор, нагласувајќи дека нивото на радијација во Русија останува нормално.
„Ситуацијата со радијација во нашата земја останува стабилна. Не е откриена причина за вишок радијација“, соопшти Роспотребнадзор додавајќи дека врши постојан мониторинг на нивото на радијација во Русија.
Русија претходно предупреди дека употребата на муниција со осиромашен ураниум претставува долгорочна закана за животната средина и за јавното здравје, врз основа на студиите во земји како Србија и Ирак, каде што оружјето претходно се користело. Лондон негира таков ризик.
Иако е слабо радиоактивен, осиромашениот ураниум се смета за здравствен ризик главно бидејќи материјалот е токсичен тежок метал. Честичките од ураниум или ураниум оксид произведени при експлозија може да бидат вдишани од секој што е изложен на нив или да ја контаминираат животната средина.
Полските власти ги негираат тврдењата дека во понеделникот бил детектиран скок во нивото на радијација во источниот град Лублин.
Шпекулациите за експлозијата во Хмелницки беа поттикнати од пријавеното распоредување украински воени патроли, кои наводно собирале примероци во и околу градот. Во близина на градот се наоѓа нуклеарна централа, но извештаите тврдат дека патролите што вообичаено ја следат ситуацијата околу објектот биле забележани далеку од нивните вообичаени рути.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.
Свет
Европска порака до Орбан: „Она што ѝ го правите на Украина е црвена линија, нашето трпение се троши!“
Белгискиот министер за надворешни работи Максима Прево и германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул во Берлин ја осудија заканата на Унгарија со вето на европскиот заем за Украина, еден ден по четвртата годишнина од руската инвазија врз земјата.
Вадефул на заедничка прес-конференција со белгискиот колега повторно изрази „запрепастеност“ од однесувањето на Унгарија.
„Унгарија мора да разбере дека трпението на останатите држави членки брзо се троши“, изјави Прево.
Европската унија сака да го усвои дваесеттиот пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Орбан, ги блокира двата проекта и бара Киев најпрво да ги обнови испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во јануари.
Прево посочи дека сите се свесни за чувствителниот период поради изборите во Унгарија, но да се држат судбината и потребите на Украина како заложник во контекст на војна, тоа за него е црвена линија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во вторникот беше во Киев, изјави дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или на оној начин“, и покрај опструкциите од Будимпешта.
Орбан дополнително ја заостри реториката кон Украина и ЕУ, обидувајќи се да ги прикаже како закана за унгарските национални интереси, пред сè енергетските, во пресрет на изборите во април.
Во средата Орбан изјави дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војска околу критичната инфраструктура.
Во меѓувреме, според истражување на компанијата „Медиан“, опозициската партија од десниот центар Тиса дополнително ја зголемила предноста пред владејачката Фидес на Орбан.
Анкетата покажува дека Тиса има поддршка од 55 проценти од определените гласачи, наспроти 35 проценти за Фидес. Кога се зема предвид целата популација, 42 проценти ја поддржуваат Тиса, а 31 процент Фидес.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

