Свет
Ракети од Газа повредија шестмина Израелци, а Хамас го осуди мировниот договор
Ракети истрелани во Израел од Појасот Газа повредија шест лица во вторникот вечерта во знак на протест за истовремено потпишување на мировните договори меѓу Израел и ОАЕ и Бахреин, кои терористичката група Хамас, која владее во Газа, ги нарече акт на агресија, пренесува „Хаарец“.
Сирените се огласија во јужните градови Ашдод и Ашкелон во моментот кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го завршуваше својот говор на церемонијата во Белата куќа по повод потпишувањето на историските Аврамски договори.
Двајца Израелци се хоспитализирани и се лекуваат од рани од шрапнели, соопшти ЕМТ-службата „Маген Давид Адом“. Стратешкиот советник на Нетанјаху, Арон Клајн, упати остри критики кон терористичките кукавици.
„Кукавичките терористи во Газа очајно лансираат ракети кон Евреите затоа што знаат дека оваа нова ера на мирот ќе ги изолира нивните газди во Техеран“, напиша тој на „Твитер“. „Терористите, поддржани од Иран, нема да го запрат мирот ни за секунда кога децата на Аврам ќе се соберат да го создадат патот за вистински мир“.
Gaza terrorist cowards are desperately launching rockets at Jews because they know this new era of peace will isolate their paymasters in Tehran. Iran-backed terrorists are not going to stop peace for 1 sec as the children of Abraham come together to forge the path of real peace.
— Aaron Klein (@AaronKleinShow) September 15, 2020
Хамас го објави својот став веднаш по истрелувањето на ракетите жестоко критикувајќи ги мировните договори.
„Договорите за нормализација меѓу Бахреин, ОАЕ и ционистичкиот ентитет не вредат за хартијата на која се напишани. Нашиот народ инсистира на продолжување на својата борба сè додека не обезбеди враќање на сите свои права“, рече портпаролот на терористичката група.
За време на обраќањето на церемонијата, Нетанјаху рече дека мировните спогодби еднаш и засекогаш ќе стават крај на израелско-арапскиот конфликт и го поздрави „историскиот ден“. Тој исто така му се заблагодари на американскиот претседател, Доналд Трамп, за одлучното лидерство.
Трамп рече дека договорот ќе стави крај на сите лаги и предавства во регионот, како што е лагата дека џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим е нападната од Израел.
„Овие лаги се пренесуваа од генерација на генерација. Но, земјите се ослободуваат од неуспешните пристапи во минатото. Луѓето на Блискиот Исток веќе нема да дозволуваат омраза кон Израел“, рече Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавина во Австрија, двајца сноубордери загинаа
Двајца австриски сноубордери кои беа надвор од пистата на глечерот Штубај во Тирол, западна Австрија, загинаа во лавина, објави полицијата.
Мажите, на возраст од 37 години, кои не се вратиле откако излегле на снегот, беа пронајдени синоќа, но спасувачките служби можеа само да ја потврдат смртта, соопшти австриската полиција по големата потрага во која учествуваа спасувачи, кучиња и дронови.
Лавините низ Алпите веќе одзедоа десетици животи од почетокот на сезоната, а многу скијачки центри издадоа предупредувања за лавини. Во регионот каде што се случи последниот инцидент, во последните денови е во сила предупредување за лавина од ниво 4 на скала од 5 поради големи количини на нов снег.
Во соседна Италија, двајца скијачи загинаа во лавина во неделата, а третиот е во сериозна состојба.
Фото: depositphotos
Свет
Републиканец тврди: Досиејата за Епстин се кријат поради врски со Израел
Републиканскиот конгресмен, Томас Масие, изјави дека документите поврзани со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин ѝ се ускратуваат на јавноста поради неговите наводни блиски врски со израелските и американските разузнавачки служби.
Според Масие, причините за блокирање на објавувањето на досиејата лежат и во тоа што тие би можеле да компромитираат влијателни милијардери и политички донатори.
Масие смета дека постои организиран напор да се спречи објавувањето на документите. „Постои настојување ова да се запре и верувам дека ќе се обидат да го запрат и на друго место, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, изјави конгресменот.
Во изминатите години, Масие се позиционираше како еден од почестите републикански критичари на Трамп, јавно разидувајќи се со него по прашања од надворешната политика, извршните овластувања и транспарентноста на власта.
Во последните недели беа објавени нови документи поврзани со врските на Епстин со влијателни личности, во кои Трамп се споменува повеќе илјади пати. Се проценува дека остануваат уште околу два милиона необјавени списи. Опозицијата, критичарите, но и дел од републиканците, изразуваат сомневање дека актуелната администрација го крие целосното објавување на документите и ги цензурира објавените со цел да заштити влијателни личности.
Свет
Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво
Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.
„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.
Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.
Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.
„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.
„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.
Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.
фото/Depositphotos

