Свет
Расте мистеријата за Пригожин: Каде се наоѓа шефот на „Вагнер“ по разговорот со Путин
Со вчерашното соопштение на Кремљ, во кое се обиде да ја разјасни ситуацијата и да ја поправи штетата, целата мистерија за Пригожин, неговото исчезнување од јавноста и неговите врски со руското раководство станува уште понејасна.
Пригожин последен пат бил виден ноќта на востанието откога објавил дека неговите сили се повлекуваат. Тогаш бил во џип во Ростов на Дон. Тоа беше крајот на краткотрајниот бунт, кој предизвика тектонски промени, објави Си-ен-ен.
Оттогаш мистеријата само расте. Во деновите по бунтот, во последните две недели, ги следевме рациите во просториите на Пригожин, во јавноста беа објавени фотографии од неговите наводни перики и златни прачки. Човек сличен на него е забележан и како излегува од хеликоптер во Санкт Петербург.
Францускиот весник „Либерасион“, повикувајќи се на западни разузнавачки служби, објави дека шефот на „Вагнер“ е во Москва од 1 јули.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера потврди дека Пригожин и Путин се сретнале на 29 јуни. Тој рече дека средбата траела три часа и на неа учествувале 35 лица.
„Во тричасовната средба со 35 лица двајца команданти на единицата ‘Вагнер’ му кажаа на Путин дека ќе продолжат да се борат за него“, тврди Песков.
Од минатонеделните коментари на претседателот Александар Лукашенко е јасно дека Пригожин не е во Белорусија, како што бараше договорот со Кремљ. Таму не се ни неговите борци.
Си-ен-ен предупредува за нешто очигледно и многу значајно – само пет дена по бунтот, најголемиот бунт во владеењето на Путин, шефот на Кремљ го поканува главниот бунтовник и неговите команданти кај него и заедно разговараат за идната соработка.
Тоа би значело дека 48 часа откако Путин им кажал на војниците собрани на ѕидините на Кремљ како избегнале „граѓанска војна“, началникот на Кремљ полетал во јужниот руски град Дербент на фотографирање и се вратил да ги поздрави вистинските бунтовници следниот ден. Таа средба потоа била чувана во тајност 11 дена.
Досега Кремљ направи сè за да ги спречи последиците од бунтот уверувајќи ја јавноста дека ништо посебно не се случило. Рациите во објектите на Пригожин, затворањето на неговите медиумски куќи, неговото исчезнување од јавноста, контролираниот наратив на Кремљ за средбата – сето тоа води до човек чие исчезнување е попроблематично за Путин отколку што изгледа на почетокот, пишува Си-ен-ен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.