Свет
Револуционерна нова класа лекови против рак одобрена во Европа
Револуционерна нова класа лекови против рак што може да лекува широк спектар тумори за првпат е одобрена за употреба во Европа, пренесува Би-би-си.
Новиот лек спаѓа во групата тумор-агностичките лекови, вид терапија што користи лекови или други супстанции за лекување врз основа на генетските и молекуларните карактеристики на ракот, без оглед на типот на карцином или каде во организмот се појавил.
Лекарите од Велика Британија кои го тестираат новиот лек велат дека пристапот има потенцијал да излечи повеќе пациенти и да ги намали несаканите ефекти. Лекот што е одобрен се нарекува „ларотректиниб“.
Двегодишната Шарлот Стивенсон од Белфаст, кај која бил дијагностициран инфантилен фибросарком – рак на сврзното ткиво во телото- е една од првите пациенти кои ги почувствувале бенефитите од лекот. Таа била третирана со „ларотректиниб“ изминатата година како дел од клиничките испитувања во болницата „Ројал Марзден Сатон“ во Лондон.
„Знаевме дека опциите ни се ограничени и затоа решивме да се обидеме и мило ми е што направивме така. Добивме можност да гледаме како Шарлот расте и заздравува со голема брзина. Таа сега може да има релативно нормален живот и најважно од сè, лекот имаше неверојатен ефект на туморот кај неа“, вели нејзината мајка Естер.
Туморот кај Шарлот бил предизвикан од генетска абнормалност позната како НТРК фузија на гени која не е својствена само за саркомите, туку се појавува и кај некои видови рак на мозокот, бубрезите, тироидната жлезда и други видови рак.
„Возбудливо е што лекот дејствува кај различни видови рак и не е ограничен на еден тип“, вели д-р Џулија Чисхолм од „Ројал Марзден Сатон“.
Новиот лек означува чекор напред од лекувањето карцином на дојка или рак на дебелото црево кон прецизен лек што ги користи предностите на специфичниот генетскиот состав на туморот кај секој пациент.
„Убавината на лекот е што е насочен кон абнормалноста. Постојат голем број биохемиски патеки кои се вообичаени кај многу различни типови тумори. Мислам дека ова е начинот на којшто се одвиваат работите и водат кон подобри исходи, лекување повеќе пациенти и кон производство на почувствителни третмани со намалени несакани ефекти“, вели таа.
Одлуката на европските регулатори не значи дека лекот ќе биде веднаш достапна за пациентите во Велика Британија. Претходно годинава НХС Англија ги опиша тумор-агностичките лекови како револуционерен и возбудлив напредок во лекувањето на ракот и рече дека се во тек подготовки да се обезбеди пристап на пациентите до нив.
„Придобивките за пациентите, особено за децата, како можноста да се лекуваат различни видови рак со еден лек се потенцијално огромни, помагајќи им да водат подолг и поздрав живот“, рече тогаш извршниот директор Сајмон Стивенс.
Проф. Чарлс Свонтон, главен лекар во Cancer Research UK, вели дека лековите се возбудлива можност.
„НХС ќе треба да обезбеди правилно тестирање на геном во целата земја за да ги идентификува пациентите кои би можеле да имаат корист од оваа терапија, па затоа е добро што НХС веќе размислува за тоа како да го донесе ова кај пациенти со карцином што е можно поскоро“, додаде тој.
Д-р Брендон Греј од „Баер“, фармацевтската компанија што го разви „ларотректиниб“, рече: „Како прв тумор-агностички лек одобрен во Европа, ларотректиниб претставува вистинска промена во лекувањето на карцином“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

