Свет
Републиканец од Флорида ги нарече трансродовите лица мутанти, па се извини
Републиканец од Флорида се извини во понеделникот откако ги нарече трансродовите лица демони и мутанти за време на јавната расправа за предлог-законот, според кој ќе се смета за прекршок ако лице користи тоалет што не е соодветен на неговиот пол при раѓање, пренесува „Политико“.
Коментарите на Вебстер Барнаби, претставник на Републиканската партија во американскиот Претставнички дом, биле испровоцирани од сведочењето на адвокатите на ЛГБТК и трансродовите лица, кои се противат на мерката, една од неколкуте „законски мерки за тоалети“, кои ги брануваат духовите во конзервативните држави.
Критичарите велат дека законот ќе биде алатка за вознемирување, а републиканците тврдат дека нивната намера е да ги заштитат децата.
„Меѓу нас денес на планетата Земја имаме луѓе што живеат кои со задоволство се претставуваат како да се мутанти од друга планета. Ова е планетата Земја, каде што Бог ги создаде мажите – мажи и жените – жени“, истакна Барнаби за време на расправата во Комитетот за трговија на Претставничкиот дом.
Наречен акт за безбедноста во приватните простори, предлог-законот што го туркаат републиканците има налага на луѓето да ги користат тоалетите и соблекувалните во објекти, како училишта и ресторани, во согласност со полот добиен при раѓање.
Бидејќи неколку трансродови лица протестирале против предлогот, Барнаби алармирал за „злото, дисфоријата и дисфункционалноста“ за кои вели дека го потиснале општеството.
Неговите коментари ја отелотворуваат тензичната дебата што следува по нацрт-законите за културна војна, што ги туркаат републиканците од Флорида годинава, а кои се фокусирани вкрстувањето на родовиот и сексуалниот идентитет со родителските права и образованието.
„Господ ве прекорува, сатано, и сите твои демони и сите твои монструмчиња што парадираат пред нас“, рече Барнаби. „Така е, ве нареков демони и монструмчиња, кои доаѓаат и парадираат пред нас и се преправаат дека се дел од овој свет“.
И демократските и републиканците присутни на панел-расправата биле затекнати од неговите коментари, а некои републиканци се обиделе да се дистанцираат од Барнаби и ѝ се заблагодариле на публиката што го изразила својот став.
Неколку минути откако републиканците издејствувале одобрување на нацрт-законот, Барнаби се извинил за своите коментари.
„Транслицата ги нареков демони“, рече Барнаби. „Би сакал да ѝ се извинам на трансзаедницата што ве нареков демони“.
Со ставањето на предлог-законот во процедура, републиканците ја донесоа Флорида на чекор од приклучување кон државите како Ајова, Арканзас, Алабама, Оклахома и Тенеси во носењето закони за користење на тоалетите.
Предлог-законот отвара можност секое лице постаро од 18 години да биде обвинето за прекршок од втор степен ако користи тоалет или соблекувална што не е наменета за неговиот природен пол и одбие да си замине во мигот кога некој ќе го побара тоа од него.
Освен тоа, локалните училишни области ќе мора да изготват правила за однесување за да ги дисциплинираат учениците што го прават тоа.
Овие правила ќе се применуваат во образовните институции, засолништата за урагани, давателите на услуги за злоупотреба на супстанции, здравствените установи и јавните установи, кои според законот вклучуваат сместување, понатаму во рестораните, бензинските пумпи, просторите за забава итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стинг и „Колдплеј“ бараат ослободување на иранскиот рапер осуден на смрт
Активистите за човекови права, заедно со 100 музичари, вклучувајќи ги Стинг и „Колдплеј“, бараат ослободување на иранскиот рапер Тумај Салехи, осуден на смрт поради поддршка на масовните протести во Иран есента 2022 година. „Смртната пресуда на Салехи е кулминација на три години судско вознемирување вклучувајќи апсење, затворање и тортура“, се вели во петицијата на лондонската организација Index on Censorship.
Во многу од неговите песни пејачот го привлече вниманието на состојбата со човековите права во Иран. Во октомври 2023 година на Салехи му беше доделена наградата за слобода на изразување од страна на Index on Censorship.
„Мора да се дозволи уметноста да критикува, провоцира, преиспитува и предизвикува авторитет“, велат потписниците.
„Ниту еден уметник не треба да биде подложен на каков било вид судско малтретирање поради остварување на своето право на слобода на изразување, а камоли да биде осуден на смрт“.
Смртната казна за Салехи беше објавена на крајот на април. Оваа вест предизвика незадоволство во Иран и други земји во светот. Властите донесоа одлука во врска со поддршката на Салехи за масовните протести во Иран во есента 2022 година. Во минатото раперот со своите текстови ги критикува социјалните и политичките проблеми во земјата.
Свет
Папата ги повика владите на демографски политики: „Не недостигаат кучињата и мачките, туку децата“
„Владите мора да спроведат сериозни и ефективни политики за благосостојбата на семејствата за да се спротивстават на падот на наталитетот и стареењето на населението“, рече денеска папата Франциско и ги повика младите да имаат верба во иднината.
Говорејќи на конференцијата за сè потешката демографска криза, папата рече дека бројот на првите раѓања е показател за „надежта на луѓето“ и дека Европа се повеќе се претвора во „стар, уморен и резигниран“ континент.
„Потребни се ефективни политики, храбри, конкретни и долгорочни одлуки. Потребна е поголема посветеност на сите влади за помладите генерации да ги остварат своите легитимни соништа“, рече папата.
Стапката на наталитет во Европа минатата деценија падна на 1,5 раѓања по жена. Ова е повисоко од најниските нивоа како оние во Источна Азија, но многу помалку од 2,1 потребни за одржување на населението.
„Постои факт што ми го кажа еден демограф. Моментално, инвестициите со најмногу приходи се оние во фабрики за оружје и контрацепција. Едниот го уништува животот, другиот го спречува. Каква иднина имаме? Тоа е лошо”, вели папата.
Бројот на раѓања во Италија падна на рекордно ниско ниво во 2023 година и се намалува веќе 15-та година по ред.
„Домовите се полни со предмети, но без деца, стануваат многу тажни места. Не недостасуваат мали кучиња, мачки. Нема недостиг од тоа. Има недостиг од деца“, рече папата.
Тој предложи политики кои нема да ги принудуваат мајките да избираат помеѓу кариерата и грижата за децата и кои на младите парови ќе им обезбедат стабилни работни места и можност за купување недвижен имот.
„Знам дека за многумина од вас иднината изгледа неизвесна и дека поради падот на наталитетот, војните, пандемиите и климатските промени, не е лесно да се одржи надежта жива. Но, не се откажувајте, имајте верба “, им рече тој на младите.
Свет
Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и да постигнат договор за прекин на огнот во Газа што е можно побргу
Египет апелира до Хамас и Израел да покажат флексибилност за што побргу да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи. Египет смета дека преговорите во Каиро не доведоа до прекин на огнот. Тие во моментот се во деликатна фаза, а делегациите на Хамас и Израел го напуштија главниот град на Египет, се наведува во соопштението.
Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја нагласи „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да ги направат сите неопходни напори за постигнување договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа, соопшти Министерството.
Каиро стравува од опасноста израелската операција во Рафа да ги загрози стабилноста и безбедноста на регионот, се додава во соопштението на египетската дипломатија.
Блинкен потврди дека Соединетите Американски Држави се против голема воена операција во Рафа и какво било принудно раселување на Палестинците од Газа, изјави неговиот портпарол, Метју Милер.
Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафа и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија.