Европа
Речиси секој четврти вработен во Европа е мигрант
Речиси секој четврти вработен во Европа сега е мигрант. Особено во земјите со високи плати, овие луѓе играат сè поголема улога, според Меѓународната организација на трудот. Така, во северниот, јужниот и во западниот дел на Европа, во периодот од 2013 до 2022 година, бројот на мигранти работници се зголемил од 22,5 на 23,3 отсто.
Мигранти се сите луѓе што работат во друга земја од нивната матична земја, го пренесува „Дојче веле“ текстот од порталот tagesschau.de.
„Работниците мигранти се неопходни за да се ублажи проблемот со недостигот на работна сила и да се придонесе за економскиот раст“, рече генералниот директор на Меѓународната организација на трудот, Гилберт Ф. Хонгбо.
Организацијата ги смета за мигранти и лицата со работна виза и оние што работат во странска земја без валидна работна дозвола. Во глобална споредба, уделот на работниците мигранти во целото работоспособно население е особено висок во Европа, Северна Америка и во арапските земји.
Овие региони се од една страна интересни за мигрантите поради високите плати, а од друга страна потребата во овие региони е особено голема. Еден од факторите што го поттикнува ова е сè постарата популација во овие земји. На тој начин мигрантите доаѓаат на оние работни места кои остануваат празни откако луѓето ќе се пензионираат, а во исто време расте потребата од старатели за стари лица.
Оваа состојба се рефлектира и во бројките: речиси две третини од сите работници во европските земји, кои доаѓаат од друга земја, биле вработени во услужниот сектор. Кај домашното население овој удел изнесува околу половина од работната сила.
Во светот уделот на мигрантите во работната сила во 2022 година беше 4,7 отсто. Меѓународната организација на трудот го проценува вкупниот број работници мигранти во светот на 284,5 милиони. Речиси 255,7 милиони од нив биле постари од 15 години и со тоа биле способни за работа.
Стапката на невработеност кај мигрантите изнесува 7,2 отсто, што е малку повисока отколку кај локалното население (5,2 отсто). Според оваа организација на ОН, причините за тоа би можеле да бидат од лингвистичка природа, значи можните јазични бариери. Но, како причини се наведуваат непризнаените дипломи или уверенија, како и дискриминацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

