Европа
Римски сребрени монети ископани на југот на Италија
Археолозите ископаа 27 римски сребрени монети на оддалечен остров во јужна Италија за кои се верува дека биле скриени од пирати, соопштија денеска локалните власти.
Монетите, кои датираат помеѓу 94 и 74 година пр. н.е., беа откриени во истата област во која беа пронајдени уште 107 монети во 2010 година на оддалечениот остров Пантелерија, кој се наоѓа во морето меѓу Тунис и Сицилија.
Локалитетот е исто така блиску до местото на кое неколку години претходно беа пронајдени бистите на Цезар, Агрипина и Тит.
Археолозите предводени од Томас Шефер од германскиот универзитет во Тибинген ги пронашле монетите за време на проект за чистење и реставрација на акрополот „Сан Марко и Санта Тереза“, соопшти регионот на Сицилија.
Според Шефер, некои од сребрените монети повторно се појавиле по дождот, а други биле пронајдени под голема карпа за време на ископувањето.
Археологот рече дека верува оти богатството било скриено за време на пиратски напад, што во тоа време било вообичаена појава, а потоа никогаш не е пронајдено.
„Ова откритие нуди вредни информации за реконструкција на настаните, трговските контакти и политичките односи што го одбележаа Медитеранот за време на Римската Република“, рече регионалниот советник Франческо Паоло Скарпинато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Крај на драмата во Шпанија: мажот што ги избоде родителите пренесен во болница
Четириесетгодишен маж, кој се забарикадирал во населбата Сан Адријан во Билбао, откако ги избоде родителите, се фрли од балконот. По падот бил префрлен во затворската болница.
Двете постари лица, родители на дотичниот маж, рано попладне биле пренесени на лекување, пренесе Ел Мундо.
Според шпанскиот портал, мажот за кој се претпоставува дека е на психолошки третман, а кој ги нападнал родителите, а потоа скокнал од балкон, утрово доживеал необична несреќа кога со своето возило паднал од четврти кат на паркингот на аеродромот во Лоиу.
Автомобилот бил пронајден уништен, но возачот исчезнал без трага до моментот на нападот.
Европа
Австрија се подготвува за поплави и лизгање на земјиштето, Салцбург издаде предупредување за лавина
Метеоролозите во Австрија во наредните денови очекуваат обилни врнежи од дожд со потенцијални поплави и лизгање на земјиштето, соопшти државниот метеоролошки институт Геосфера Австрија.
Од вечерва во поголемиот дел од Австрија се очекува да наврнат околу 200 литри на квадратен метар.
Службите за вонредни состојби долж Дунав се подготвуваат за ретки нивоа на поплави, кои обично се случуваат еднаш во деценија или помалку, според властите. Луѓето поставија мобилни системи за заштита од поплави и наполнија вреќи со песок.
На патниците им беше кажано да очекуваат доцнења на аеродромот во Виена. „Поради моменталните лоши временски услови на различни европски локации и во Виена, во моментов има изолирани доцнења на полетувањата од аеродромот во Виена“, се вели во извештајот.
На планините снегот предизвика затворање на локалните патишта, а Салцбург предупреди на опасност од лавини.
Поради невремето откажани се неколку концерти на отворено и фудбалски натпревари.
Европа
Пронајдени три тела во стан во Англија, уапсен тинејџер
Тинејџер е уапсен под сомнение дека убил три лица во стан во англискиот град Лутон, објави Скај њуз.
Полицијата утринава околу 5 часот и 30 минути добила пријава, а итната помош излегла на терен и констатирала смрт на три лица. Набргу потоа, 18-годишникот бил уапсен и приведен на распит.
Џон Марфи, помошник на началникот на полицијата во Бедфордшир, на прес-конференција изјави дека оружјето било пронајдено при претрес во домот на 18-годишникот.
Марфи додаде дека деталите за жртвите, вклучително и возраста и полот, нема да бидат објавени додека полицијата не контактира со нивните најблиски.
Тој рече и дека полицијата освен уапсениот тинејџер не трага по никој друг.
Детективот Констабл Роб Хол рече: „Ова е навистина ужасен инцидент, кој за жал резултираше со трагична смрт на три лица. Разбираме дека оваа вест ќе биде неверојатно шокантна, но ве молиме бидете уверени дека неуморно ќе работиме на воспоставување на сите околностите на овие смртни случаи“.