Европа
Риши Сунак оди во Украина, најави речиси 3 милијарди евра воена помош
Риши Сунак ќе ја посети Украина за да се сретне со Володимир Зеленски бидејќи Велика Британија најави дека ќе обезбеди речиси 3 милијарди евра воена помош за земјата во текот на следната година, пишува „Гардијан“.
Украинскиот претседател ги притиска западните сојузници да ѝ дадат поголема поддршка на земјата во нејзината борба против руската агресија, при што интересот за војната во Европа паѓа како што конфликтот се одолжува. Кризата на Блискиот Исток и војната во Газа исто така го оттргнаа глобалното внимание од руско-украинскиот конфликт.
Премиерот Сунак ја истакна континуираната поддршка на Обединетото Кралство за Киев пред состанокот со Зеленски, кој доаѓа неколку часа откако силите на Обединетото Кралство и САД почнаа напади против Хутите во Јемен.
Сунак рече: „Две години Украина се бореше со голема храброст да ја одбие бруталната руска инвазија. Тие сѐ уште се борат, непоколебливи во решителноста да ја бранат својата земја и да ги бранат принципите на слободата и демократијата. Овде сум денес со една порака: Обединетото Кралство нема да се поколеба. Ќе застанеме на страната на Украина во нејзините најтемни времиња и во подобрите времиња што доаѓаат“.
Сунак ја посети Украина првпат во ноември 2022 година, само неколку недели откако стана премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Тело на уште една жртва пронајдено во урнатините на зграда во Белгород, Русија, бројот на загинати се искачи на 17
Телото на уште една жртва е пронајдено во урнатините на станбена зграда во Белгород, со што бројот на жртви се искачи на 17, соопшти прес-службата на руското Министерство за вонредни ситуации за „Тасс“.
Белгород и неговата околина беа изложени на масовно украинско гранатирање во неделата. Русите тврдат дека остатоците од еден од соборените проектили погодил десеткатница во Белгород, што предизвикало нејзино уривање.
Истражниот комитет на Русија почна истрага за тероризам.
Европа
Грузија го усвои контроверзниот „руски закон“, кој предизвика хаос во земјата
Грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за странските агенти и покрај големото противење на граѓаните и предупредувањата од Европската Унија дека неговото донесување ќе ги загрози шансите на земјата да му се приклучи на блокот.
Новиот закон ќе бара организациите што добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како агенти на странско влијание или ќе се соочат со високи казни. Противниците велат дека законот е направен според слични закони во Русија ,кои Кремљ ги користел за да ги задуши опозицијата и граѓанското општество.
Многу Грузијци стравуваат дека законот за странски агенти ќе се користи на ист начин во нивната земја. Масовните демонстрации со денови го парализираат главниот град Тбилиси.
Грузискиот сон, владејачката партија која го протурка законот, возврати на критиките велејќи дека овој потег ќе ги промовира транспарентноста и националниот суверенитет.
Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати нацртот до претседателката Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето.
Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го отфрли нејзиниот приговор со просто мнозинство.
Европа
Британскиот министер за одбрана: Светот го тргна погледот од Украина, последиците од тоа ги гледаме во Харков
Британскиот министер за одбрана, Грант Шапс, денеска изјави дека ситуацијата во Харков е резултат на тоа што „светот го тргна погледот од Украина“.
Говорејќи на конференцијата Sea Power, денес министерот ја повтори целосната поддршка на Велика Британија за Украина велејќи дека руската победа би била „незамислива и неприфатлива“.
Тој рече: „Многупати сум слушнал, вклучително и она што ми го кажа украинскиот претседател Зеленски, дека без Британија се прашуваат дали сè уште ќе бидат во оваа војна. Тој ги наброја обврските на Велика Британија кон Украина и го критикува светот, кој неодамна ‘го тргна погледот’“.
„Количината време што беше потребно за да се заврши остатокот од финансирањето директно доведе до позицијата што ја гледаме во Харков денес“, рече Шапс.
Тој додаде дека не мисли оти ситуацијата е фатална и рече дека тоа е „важна лекција за светот да не го изгуби вниманието на Украина“.