Свет
Роберт Кенеди Јуниор ја обвинува ЦИА за атентатот врз Џон Кенеди
Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) стои зад атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди Јуниор во 1963 година и веројатно била вмешана и во атентатот на американскиот јавен обвинител и брат на убиениот претседател, Роберт Ф. Кенеди, во 1968 година, изјави во неделата демократскиот претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди Јуниор во интервју за радио WABC.
„Постојат докази дека ЦИА била вмешана во атентатот. Огромни се доказите дека ЦИА била вмешана и во атентатот и во прикривањето“, рече Кенеди, кој додаде дека во моментот тоа е несомнено и ги опиша напорите за дискредитирање на оваа теорија како шеесетгодишно прикривање.
Кенеди ја посочил книгата на Џејмс Даглас, „ЏФК и неизречивото“ (JFK and the Unspeakable) како најдобра збирка докази на оваа тема, иако десетици, ако не и стотици дела се напишани за атентатот и за наводната улога на ЦИА.
Во официјалното објаснување на американската влада, објавено како извештај на Вореновата комисија, се вели дека ветеранот на американските маринци Ли Харви Освалд сам го извел атентатот врз Кенеди додека неговата колона минувала низ Далас на 22 ноември 1963 година.

Освалд беше убиен пред да му се суди, а по апсењето, изјавил дека тој е жртвено јагне. Тој бил убиен од Џек Руби (вистинско име Џејкоб Рубинштајн), сопственик на ноќен клуб, за време на трансферот од полициската управа во Далас во окружниот затвор.
Кенеди додава дека постојат „многу убедливи, но посредни“ докази оти ЦИА била вмешана и во атентатот на татко му, јавниот обвинител и претседателски кандидат, Роберт Ф. Кенеди, во 1968 година.
Тој ја опиша официјалната приказна за атентатот, наводно извршен од палестинскиот тимар на коњи, Сирхан Сирхан, како физички невозможна тврдејќи дека куршумите што го убиле Кенеди, всушност, ги испукал Тејн Јуџин Цезар, чувар на хотел, кој бил вработен и во воената компанија „Локхид“.
Четири години по убиството на ЏФК, речиси половина од американската јавност не веруваше дека Освалд дејствувал сам. ЦИА беше толку загрижена поради овој факт што во 1967 година издаде директива за тоа како да се дискредитираат т.н. теоретичари на заговор со доведување во прашање на заклучоците од Вореновата комисија.
Современата употреба на терминот теоретичар на заговор како пејоратив често се поврзува со овој меморандум од 1967 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

