Свет
Рогозин до Украинците: Ќе одговарате за моите загинати соборци
Поранешниот директор на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин, кој беше ранет при гранатирањето на Доњецк, изјави дека Украина ќе одговара за неговите загинати и ранети соборци.
Тој објави дека „Службата за безбедност на Украина ја презеде одговорноста за терористичкиот напад со артилерија“ на хотелот во кој престојуваше Рогозин со група воени советници.
– Цинизмот на тие луѓе се состои во тоа што подготвуваат детални терористички напади за некои симболични датуми. Кримскиот мост беше кренат во воздух на 7 октомври, решија да ме ликвидираат на роденден каде и да сум. Следат, ловат. Сепак, сакам да кажам дека нема да останам должен. Ќе одговараат за моите другари – напиша Рогозин на социјалната мрежа „Вконтакте“.
Хотелот во кој престојуваше Дмитриј Рогозин со група воени советници „Царски волци“ во Доњецк беше цел на украинско гранатирање на 22 декември.
Нападите беа извршени со многу прецизна муниција. Рогозин бил ранет од метален фрагмент кој навлегол над десното рамо и се заглавил во рбетот.
Во моментов поранешниот директор на „Роскосмос“ се наоѓа во болница во Ростов на Дон.
Се очекува поради сложеноста на повредата да биде префрлен на лекување во Москва. Во гранатирањето беше ранет и премиерот на ДПР, Виталиј Хотсенко, а загинаа неговиот телохранител и еден член на групата „Царски вукови“,пренесе Ало.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.

