Свет
Розови кожени фотелји, подови отпорни на бомба: зелениот воз на Ким Џонг-ун се движи бавно како полжав, со причина
Во неделата попладне севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се качи на старомоден зелен воз, кој стана траен симбол на изолацијата и тајноста на нацијата, пишуваат медиумите во светот.
Фотографиите објавени од севернокорејската државна телевизија КЦНА покажуваат како Ким се качува во својот приватен воз додека се подготвува да отпатува за Русија на очекуваниот состанок со својот руски колега Владимир Путин.
Руските медиуми во вторникот објавија дека возот на Ким влегол во земјата и моментно патувал на север преку Далечниот Исток на Русија.
Фотографиите од заминувањето на Ким од Пјонгјанг покажуваат железничка станица со долг црвен тепих за лидерот, покрај која стојат официјални лица и војници. Неколку официјални лица се поклонија и се ракуваа со Ким. Во заднина се гледаат жени во фустани и традиционална облека како веат знамиња на земјата.
Во еден момент Ким и неговите придружници застанаа на влезот од возот и ѝ мавтаа на толпата од бавната тешка оклопна локомотива, со полирани дрвени подови и украсени бели врати.
Редот од темнозелени вагони, со жолти ленти што се протегаат на страната, одговара на изгледот на возот што го користеле и дедо му Ким ил-Сунг и татко му Ким Јонг-ил, кои наводно биле домаќини на раскошни вечери во странство, пренесува Си-ен-ен.
Возот долго време беше предмет на интриги превезувајќи генерации на семејството Ким низ земјата и на ретки патувања во странство, пишува медиумот.
Ким Џонг-ил, кој наводно не сакал да лета, многу се потпирал на возот, според „Ројтерс“, за разлика од син му Ким Џон-ун, кој претходно патувал со луксузен приватен авион и студирал во Швајцарија во 90-тите.
Истиот воз – зелен со жолти линии – беше виден на руската државна телевизија кога Ким Џонг-ил ја посети Русија во 2002 година. Во тоа време, меѓународните санкции кон Северна Кореја беа ублажени овозможувајќи краток период на поголем ангажман со надворешниот свет.
Мемоарите на поранешниот руски функционер Константин Пуликовски, врз основа на извештајот на нотарот на руското Министерство за надворешни работи, во возот во 2001 година за време на едномесечното патување на Ким Џонг 0и во Русија, даваат слика на луксуз. Пуликовски тврдеше дека возот го возеле убави жени и дека бил полн со екстравагантна храна и вино, се вели во написот на „Њујорк тајмс“ од 2002 година.
„Можеше да се нарача секое јадење, од руска, кинеска, корејска, јапонска или француска кујна“, напиша Пуликовски.
Живи јастози биле однесени во возот, а наводно биле испорачани кутии со црвено вино „бордо“ и „бургундија“, напиша Пуликовски.
Возот наводно има розови кожени седишта и подови отпорни на бомби, пишува „Гардијан“.
Други извештаи на јужнокорејските медиуми во текот на годините ги истакнаа безбедносните карактеристики на возот. Според извештајот на јужнокорејскиот весник Chosun Ilbo од 2009 година, возот е толку силно оклопен што се движи со просечна брзина од 60 километри на час.
Во возот наводно има конференциски сали, просторија за публика и простории за спиење и има сателитски телефонски врски и телевизори со рамен екран, објави весникот во тоа време.
„Пред возот на Ким да се приближи до станицата струјата на другите шини е исклучена за да не може да се движи ниту еден воз“, пишува весникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

