Свет
Романија и Бугарија за еден месец треба да станат полноправни членки на Шенген зоната
Романија и Бугарија треба да станат полноправни членки на Шенген зоната од почетокот на следната година, најави денеска еврокомесарката Илва Јохансон.
Во Европскиот парламент во Стразбур, комесарката за внатрешни работи Јохансон ја потврди неодамнешната најава на унгарското претседателство дека од 1 јануари 2025 година веројатно ќе се укине копнената контрола во Романија и Бугарија.
„Убедена сум дека Романија и Бугарија ќе ги имаат сите придобивки од Шенген зоната од почетокот на следната година“, рече Јохансон.
Шведската политичарка нагласи дека тоа е големо достигнување бидејќи пет години не било на дневен ред прашањето за проширување на Шенген зоната, а Хрватска, Бугарија и Романија биле „заглавени во чекалната“ иако биле подготвени да се приклучат. Хрватска стана полноправна членка на 1 јануари 2023 година.
Јохансон очекува министрите да одобрат целосен влез на двете земји во Шенген зоната на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи во декември во Будимпешта. Таа нагласи дека тоа го заслужиле поради конкретните мерки воведени на надворешните граници на ЕУ со кои бројот на илегални мигранти е намален за 80 отсто.
Романија и Бугарија се наоѓаат на важни рути за илегална трговија со оружје, дрога и луѓе, но Европската комисија претходно соопшти дека по детална истрага утврдила дека ги исполнуваат сите услови за членство во зоната за слободно патување. Претходно најмногу против неа беа Холандија и Австрија, пренесуваат медиумите во регионот.
Хрватската пратеничка Сунчана Главак во дебатата рече дека целосниот пристап на Романија и Бугарија е „прашање на правичност“ и „од стратешко значење за ЕУ“. Таа нагласи дека нивното патување било „долго и полно со предизвици, вклучително и политички“ и дека ги исполниле техничките услови уште во 2011 година.
„Како Хрватка многу добро разбирам што ќе значи ова за вашите граѓани“, рече пратеничката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски шпион уапсен во Полска, работел во Министерството за одбрана од 90-тите години
Долгогодишен вработен во полското Министерство за национална одбрана е приведен под сомнение за шпионажа за Русија, а апсењето е извршено во самата зграда на министерството. Осомничениот, за кој се верува дека работел за руската разузнавачка служба, имал позиција од средно ниво во Одделот за одбранбена стратегија и планирање, објавува „Полиш онет“.
Тој бил изнесен од зградата на министерството од страна на припадници на Воената полиција, а самата акција е резултат на долгогодишна истрага спроведена од Службата за воена контраразузнавање. SKW се сомнева дека соработува со претставници на руските и белоруските разузнавачки служби.
Портпаролот на службата, Јацек Добжински, изјави дека Воената контраразузнавачка служба собрала „обемни информации“ што потврдуваат дека осомничениот ја предал Полска и дека работел за странска разузнавачка служба, објави „Онет“.
Наводниот шпион е уапсен денес по 8 часот наутро, кратко откако пристигнал на работа. 60-годишникот, кој не покренал никакви сомневања, бил вработен во министерството од 1990-тите, каде што имал разни позиции на средно ниво во одделот за стратегија и одбранбено планирање.
„Ова е долгогодишен вработен. Тој е цивил, а не војник, а камоли офицер. Тој бил под надзор на Воената контраразузнавачка служба, која собрала обемни и инкриминирачки информации за него, потврдувајќи дека овој господин ги предал Полска и Полјаците. Тој шпионирал за странска разузнавачка служба“, рече Добжински.
„Апсењето го извршија припадници на Воената контраразузнавачка служба, но пред сè од Воената полиција. Беше извршено по наредба на Военото обвинителство“, додаде тој.
„Службите ги следат активностите на овој човек со месеци. Неговите постапки се документирани и анализирани детално, па затоа доказите собрани против него се многу солидни. Ова е еден од најголемите успеси“, уверува извор запознаен со деталите од операцијата.
фото/Depositphotos
Свет
Шефот на НАТО: Европа ќе најде повеќе од 15 милијарди долари за оружје за Украина
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е уверен дека сојузниците ќе најдат средства за купување американско оружје за вооружените сили на Украина. Тој го изјави ова денес на прес-конференција во Киев, пренесува „Украинска правда“.
Одговарајќи на прашањето како би можеле да се соберат 15,5 милијарди долари што ги побара Украина за финансирање на програмата PURL, која се користи за купување оружје во Соединетите Американски Држави, Руте вети дека средствата дефинитивно ќе бидат обезбедени.
„Апсолутно сум уверен дека парите ќе се најдат бидејќи сите знаеме дека ова е клучно“, рече тој. Генералниот секретар, сепак, призна дека нееднаквите придонеси од различни земји имаат негативен ефект. „Во моментов, две третини од сојузниците учествуваат во програмата PURL и во право сте, постои проблем со распределба на товарот“.
Тој рече дека ситуацијата во која некои земји им помагаат на вооружените сили на Украина во купувањето американско оружје, додека други не, е ненормална. „Во моментов, некои сојузници прават многу, многу сојузници прават нешто, а неколку не прават ништо. Сепак, повеќето сега се вклучени во PURL.
Но, ни треба подобра распределба на товарот во рамките на НАТО. Работиме на тоа“, додаде Руте. Тој, исто така, ги истакна поединечните земји кои значително придонесуваат за набавките во рамките на програмата PURL, имено Канада, Норвешка и Германија, како и Шведска и балтичките држави.
Руте претходно изјави дека 90% од ракетите за воздушната одбрана на Украина биле испорачани преку програмата PURL.
Свет
Макрон: Во тек се технички подготовки за директни разговори меѓу Европа и Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека се во тек подготвителни работи за повторно воспоставување директни разговори меѓу Европа и Русија за војната во Украина, додавајќи дека е важно Европејците да ги обноват своите комуникациски канали, но дека Русија не покажува подготвеност да постигне мировен договор со продолжување на бомбардирањето на Украина.
„Мора да биде подготвена, затоа се во тек технички разговори за да се овозможи тоа“, рече Макрон како одговор на новинарско прашање за неговиот повик од декември за обновување на преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, пишува бриселски „Политико“.
Макрон истакна дека е важно Европејците да ги обноват своите канали за комуникација со Русија, нагласувајќи дека подготовките се одвиваат на техничко ниво.
Тој додаде дека сите разговори со Путин мора да бидат координирани со претседателот на Украина Володимир Зеленски и неговите „клучни европски колеги“, нагласувајќи ја улогата на таканаречената „Коалиција на волјата“, која ги собира земјите што ја поддржуваат Украина.
Францускиот претседател, сепак, оцени дека со продолжувањето на бомбардирањето на Украина, Русија не покажува подготвеност за постигнување мировен договор.
„Пред се, денес продолжуваме да ја поддржуваме Украина, која е под бомби, на студ, со руски напади врз цивили и украинска енергетска инфраструктура, што е неприфатливо и не покажува вистинска волја за мировни преговори“, рече Макрон, според Танјуг.

