Свет
Русин осуден на година и пол затвор поради пораки за поддршка на Украина

Маж кој пишувал пораки против руската инвазија на Украина е осуден на година и пол затвор.
Судот во околината на Санкт Петербург, на северозапад, денеска го осуди претприемачот Дмитриј Скурихин за повеќекратно оштетување на угледот на руската армија. Неговиот адвокат Дмитриј Герасимов изјави за „АФП“ дека неговиот клиент е нескршлив и многу храбар и покрај осудата.
„Не мислеше дека ќе биде затворен“, додаде адвокатот најавувајќи ја жалбата.
Првата кривична истрага против 48-годишникот започна во септември минатата година бидејќи на предната страна на неговата продавница напишал пораки против офанзивата во Украина.
Во февруари против него беше покрената втора истрага затоа што држеше плакат со текст: „Украина, прости ни!“ После тоа бил приведен, а потоа префрлен во домашен притвор. Скурихин објави и видео на кое протестира против војната и Владимир Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) „На, на, на, еј збогум“ – Белата куќа критикувана поради видеото со миграцијата

Белата куќа се најде на удар на критики по објавувањето на видеото на кое се гледа депортацијата на илегалните мигранти со текстот „На, на, на, на, на, на, на, на, еј, еј збогум“ во заднина.
Видеото беше објавено вчера, а многу бргу предизвика бран негодувања на социјалните мрежи. Многу корисници го нарекоа дехуманизирање.
Не е првпат администрацијата на Трамп да меша депортации со поп-музика. Белата куќа пред неколку недели сподели уште едно видео. Текстот на песната е цитиран заедно со видеото, што е очигледна референција за затворање и заминување.
View this post on Instagram
Но, членовите на бендот воопшто не биле задоволни од ваквата интерпретација на нивната музика. Бендот објави официјално соопштение во кое ја осудува употребата на нивната песна без дозвола и јасна порака до тимот на Трамп.
„Ние на кој било начин не ја одобривме употребата на нашата песна ‘Клосин тајм’“, напишаа „Семисоник“.
„Не нè ни прашаа. Песната е за радоста, за можностите и за надежта и целосно ја промашиле поентата“, додаваат тие.
Нивниот одговор бргу се прошири на социјалните мрежи и беше прегледан повеќе од седум милиони пати, со коментари за поддршка од многубројни фанови и музички колеги.
Многумина предложија бендот да поднесе тужба. Сепак, се чини дека тоа нема да се случи. Имено, Ден Вилсон, фронтмен и главен автор на песната, го продаде целиот свој музички каталог во 2021 година на „Прајмари вејв мјузик паближинг“. Тоа значи дека тие сега ги имаат правата на сите песни, вклучувајќи ја и „Клосинг тајм“, и на тој начин одлучуваат за можните правни чекори.
Свет
Кина е бесна на Трамп: „Ова е малтертирање“

Заканите и притисокот не се начин за справување со Кина, изјави портпаролот на нејзиното Министерство за надворешни работи опишувајќи ги тарифите што ѝ ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп како навредливи.
Тарифите се „типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба“, рече Лин Џијан за време на редовната прес-конференција. Тој додаде дека американските тарифи во име на реципроцитет, всушност, им служат на САД само на сметка на другите земји.
Минатата недела Трамп воведе 34 отсто од новите царини на кинескиот увоз како дел од мерките што ги воведе на повеќето американски трговски партнери. Ова го зголеми вкупното ниво на царини за кинески стоки на 54 отсто, а Пекинг одговори со контрамерки.
Лин го пренасочи прашањето за потенцијалните преговори со САД на други кинески владини тела.
„Американската злоупотреба на царините ги лишува земјите, особено оние од глобалниот југ, од нивното право на развој“, рече Лин наведувајќи ги зголемената нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во секоја земја и посебното влијание на царините врз посиромашните земји.
Сите земји треба да се држат до консултации, заедничко одлучување и вистински мултилатерализам, рече портпаролот.
Тој ги повика земјите заеднички да се спротивстават на сите форми на унилатерализам и протекционизам и да ги заштитат меѓународниот систем и мултилатералната трговија засновани на вредностите на Обединетите нации и Светската здравствена организација.
Европа
Идниот германски канцелар за падот на берзите: Драматично е, а може да биде и полошо

Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши.
„Пазарите се во драматична состојба, што се заканува со понатамошна дестабилизација“, рече Мерц во изјава за „Ројтерс“.
Тој нагласи дека сега „е поважно од кога било Германија што побргу да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Мерц се залага за пониски даноци, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Утрово продолжи насилниот пад на светските берзи. Кон средината на минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе објавувајќи повисоки царини на увозот од очекуваното.
Додека Кина возврати со контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, нарушувања во меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на најголемите економии, па дури и рецесија.
Поради тоа, цените на акциите утринава остро паднаа на азиските берзи, но и на европските.