Свет
Русите оптимисти, вакцината против коронавирусот ја помина првата фаза на развој

Русија е една од земјите што работат на пронаоѓање вакцина против новиот коронавирус.
Вакцината против коронавирусот што ја разви руската Федерална агенција за биомедицина ја помина првата фаза на развој и се очекува нејзиното тестирање целосно да биде завршено во јуни, изјави директорката на агенцијата Вероника Скворцова, додавајќи дека вакцината треба да биде готова за употреба за 11 месеци.
„Развојот на вакцината ја помина првата фаза. Станува збор за рекомбинантна вакцина која не е развиена врз основа на жив вирус, туку протеини кои имаат таканаречени епитопи, или центри за кои се врзува вирусот“, рече Скворцова, пренесува ТАСС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шефот на ЦИА: Нуклеарната програма на Иран е назадена со години

Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, изјави дека американските воздушни напади сериозно ги оштетиле нуклеарните објекти на Иран и ги вратиле со години, што е спротивно на протечениот извештај што го налути претседателот Доналд Трамп за потценување на влијанието на американскиот напад, објави Би-Би-Си.
Ратклиф рече дека објектите клучни за нуклеарната програма на Иран се уништени, но нема потврда дека нуклеарната програма на Иран е целосно елиминирана.
Неговите изјави доаѓаат откако Си-Ен-Ен, повикувајќи се на прелиминарна анализа од разузнавачката агенција на Пентагон (ДИА), објави дека американските напади веројатно не ги нарушиле капацитетите на Иран за нуклеарно оружје на долг рок, туку само ги одложиле за неколку месеци.
Во меѓувреме, претседателот Трамп изјави дека нуклеарните објекти на Иран се „срамнети со земја“. Тој вчера ги нападна медиумите и нивните „лажни вести“, велејќи дека лажеле за влијанието на воздушните напади и целосно погрешно ги протолкувале фактите што ги немале.
Тој не рече дека нуклеарната програма на Иран е целосно уништена.
Тој, исто така, објави дека министерот за одбрана Пит Хегсет и други воени претставници ќе одржат „интересна и неоспорна“ прес-конференција во Пентагон „за да го одбранат достоинството на нашите големи американски пилоти“.
Порано, поранешниот заменик-генерален директор на нуклеарното надзорно тело на ОН изјави дека Техеран сè уште може да произведе делови за нуклеарно оружје во рок од еден месец, и покрај нападите на САД и Израел врз иранските нуклеарни постројки.
Свет
Снимена планета оддалечена 110 светлосни години

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за прв пат сними планета надвор од Сончевиот систем, од која е оддалечена 110 светлосни години, објавија научниците.
„Веб“ направил директна фотографија од млада планета, тип на гасен џин со големина на Сатурн, која орбитира околу ѕвезда помала од Сонцето, оддалечена околу 110 светлосни години од Земјата во соѕвездието Антил, велат истражувачите.
Планетата орбитира околу својата ѕвезда, наречена TWA 7, на растојание од околу 52 пати поголемо од орбиталното растојание на Земјата од Сонцето, а за споредба, Нептун орбитира околу 30 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата, објавува Ројтерс.
Новооткриената планета и нејзината ѕвезда се екстремно млади – стари околу шест милиони години, во споредба со возраста на Сонцето и нашиот Сончев систем од приближно 4,5 милијарди години.
Повеќето од приближно 5.900 егзопланети откриени од 1990-тите години наваму се откриени со индиректни методи, како што е набљудување на мало затемнување на светлината на ѕвездата кога планета поминува пред неа, наречен метод на транзит.
Помалку од два проценти од планетите надвор од Сончевиот систем се директно фотографирани, како што направи „Веб“ со новоидентификуваната планета.
Иако оваа планета е голема кога се гледа во контекст на нашиот Сончев систем, таа е всушност најмалку масивната планета откриена со директно снимање и 10 пати помала од планетата за која претходно се сметаше дека е најмала.
Свет
Кремљ: Путин нема да оди во Бразил на самитот на БРИКС поради потерницата

Рускиот претседател Владимир Путин нема да патува на самитот на БРИКС во Бразил следната недела поради важечка потерница издадена против него од Меѓународниот кривичен суд (МКС), изјави денес помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
МКС ја издаде потерницата во 2023 година, нешто повеќе од една година, откако Русија започна тотална војна против Украина, обвинувајќи го Путин за воен злостор за депортирање стотици деца од Украина.
Русија ги отфрла обвиненијата за воени злосторства, а Кремљ, кој не го потпиша основачкиот договор на МКС, ја прогласи наредбата за ништовна. Но, ова значи дека Путин мора да го процени ризикот од евентуално апсење ако патува во една од државите потписнички на статутот на МКС, според светските медиуми.
Ушаков рече дека Путин ќе присуствува на самитот на БРИКС во Бразил на 6 и 7 јули преку видео врска. „Ова се должи на одредени тешкотии во контекст на барањето за МКС. Во овој контекст, бразилската влада не можеше да заземе јасен став што би му дозволил на нашиот претседател да учествува на овој состанок“, рече Ушаков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе отпатува на самитот и ќе ја претставува Русија. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг, исто така, ќе го прескокне самитот, според извештаите на медиумите.