Свет
Русија: Америка може да се соочи со фатални последици
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави денеска дека САД би можеле да се соочат со „фатални последици“ доколку го игнорираат предупредувањето на Москва да не и дозволи на Украина да го користи оружјето што го испорачува за да нападне цели на руска територија.
Рјабков зборуваше за одлуката на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела да го овласти Киев да користи американско оружје за да погоди цели во Русија, доколку тие се дел од нападот врз украинскиот регион Харков.
„Би сакал да ги предупредам американските лидери за погрешни пресметки кои можат да имаат фатални последици. Од непознати причини тие ја потценуваат сериозноста на одговорот што би можеле да го добијат“, изјави Рјабков за руската новинска агенција РИА.
Тој мислеше на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој минатата недела ги предупреди членките на НАТО дека си играат со оган и ризикуваат поширок глобален конфликт. „Ги повикувам тие личности во Америка да одвојат дел од своето време, кое, судејќи според леснотијата на пристапот, сега го трошат на некакви видеоигри, за детално да го проучат она што Путин го претстави“, рече Рјабков.
Рускиот претседател даде „многу значајно предупредување и тоа мора да се сфати многу сериозно“. Путин рече дека Западот директно ќе се вклучи во конфликтот во Украина, доколку неговото оружје биде употребено на руска територија, бидејќи за тоа ќе биде потребна негова сателитска, разузнавачка и воена помош.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела изјави дека НАТО има право да и помогне на Украина во нејзиното право на самоодбрана и дека тоа не ја прави Алијансата учесник во војната.
Во текот на викендот, украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Вашингтон што дозволил употреба на американски ракетни системи ХИМАРС во регионот на Харков, но рече дека тоа не е доволно. Украина долго време предупредува дека ограничувањата поставени од западните земји за употреба на нивното оружје значително ја попречуваат способноста на Украина да се брани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

