Свет
Русија бара Комисијата за разоружување на ОН да се пресели во Европа
Заменикот на постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Пољански, предложи Првиот комитет на Генералното собрание, кој се занимава со прашањето на разоружувањето и меѓународната безбедност, од 2020 година да се пресели од Њујорк во Виена или во Женева, пренесува ТАСС.
Пољански го предложи ова на заседанието на комитетот бидејќи американските власти не му одобрија визи на дел од руската делегација, која требаше да присуствува на тој состанок.
„Со цел нормализирање на работењето на Првиот комитет и на Комисијата за разоружување, сметаме дека е неопходно да се разгледа можноста за одржување на идните сесии во 2020 година надвор од САД, на пример, во Виена или во Женева. Ние сме подготвени подетаљно да разговараме за ова прашање на тековната сесија на Генералното собрание на ОН“, рече Пољански.
Тој потсети дека во согласност со спогодбата од 1947 година, САД имаат обврска да им обезбедат пристап до централните институции на ОН, без исклучоци, на сите официјални претставници на државите и да им издава визи, бесплатно, во најкус можен рок.
Пољански исто така предложи работата на Првиот комитет да се спроведува во форма на неформални консултации сè додека не биде решено прашањето со издавањето американски визи за руската делегација. Тој додаде дека правото седиштето на ОН да биде во Њујорк е всушност привилегија што САД ја имаат и поради тоа тие се должни да гарантираат пристап до институциите на сите претставници од другите држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.