Свет
Русија бара од Германија отштета од 82,3 милијарди долари за злосторствата од Втората светска војна

Руските обвинители побараа од Московскиот регионален суд да ги признае злосторствата извршени од нацистичка Германија во московскиот регион за време на Втората светска војна како геноцид, проценувајќи дека штетата е околу 6,4 трилиони рубљи или 82,3 милијарди долари.
Според Ројтерс, не е јасно дали таквиот потег е вовед во новите барања за финансиска компензација од Русија за модерна Германија, со која односите сериозно се влошија поради војната во Украина.
Обвинителите побараа од Московскиот регионален суд „да ги признае утврдените и новооткриените злосторства извршени од германските фашистички напаѓачи“ во регионот на Москва во периодот од октомври 1941 до јануари 1942 година за воени злосторства и злосторства против човештвото и геноцид врз советскиот народ.
За тоа време во областа беа убиени повеќе од 26.000 луѓе, додека советските граѓани беа подложени на тортура, грабеж, принудна работа и депортација, се вели во соопштението.
Ројтерс известува дека околу 27 милиони советски граѓани ги загубиле животите во Големата патриотска војна.
Воени репарации од Германија неодамна побара и Полска, која бара да и се исплатат 1.300 милијарди долари. Откако Германија кон крајот на минатата година официјално објави дека за Берлин „прашањето за репарации и компензација за воените загуби е затворено“ и дека „германската влада нема намера да отвори преговори на оваа тема“, Варшава најави дека ќе бара поддршка за нејзиното барање од Обединетите нации .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Идниот четврток ќе потпишеме договор за минералите со Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина и САД ќе потпишат договор за минерали следниот четврток, на 24 април.
„Украина и САД ќе потпишат договор за минерали следниот четврток“, рече Трамп.
Администрацијата на Доналд Трамп со месеци преговара со Украина за широк договор кој вклучува експлоатација на ретки минерали, а САД бараат значителни права на пристап и контрола врз украинските природни ресурси.
Украинската страна посочува дека е постигнат „значителен напредок“ во преговорите, но дека се уште траат разговорите за деталите и безбедносните гаранции.
Трамп го гледа овој договор како начин за враќање на дел од средствата инвестирани во воена помош за Украина, додека украинскиот претседател Зеленски бара јасни безбедносни гаранции во замена за отстапки за ресурсите. Некои од украинските власти изразуваат загриженост за американскиот притисок и можните максималистички барања од Вашингтон.
Договорот предизвика дискусии во Украина и меѓународните медиуми за економската и политичката независност на земјата и можните последици за украинската енергетска и рударска индустрија.
Свет
Трамп за царините: Нема да имаме проблем да се договориме со Европа или со кој било друг

Американскиот претседател Доналд Трамп очекува да се постигне напредок во склучувањето трговски договори со други земји. Тој, сепак, додаде дека не брза да склучува такви зделки бидејќи царините што ги наметна создаваат значителни приходи, објави „Асошиетед прес“.
Лидерот на САД изрази 100 отсто доверба за постигнување трговски договор за тековниот царински спор со ЕУ.
Трамп ја коментираше својата трговска политика за време на неговиот состанок во Белата куќа со италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
Трамп и посака добредојде на Мелони во Белата куќа и рече дека ќе има 100 проценти договор со ЕУ за царините.
„Нема да имаме проблем да се договориме со Европа или со кој било друг, бидејќи имаме нешто што сите го сакаат“, изјави американскиот претседател, цитиран од Ројтерс.
Од своја страна, Мелони рече дека е уверена дека ќе постигнат договор за тарифите, забележува Ројтерс.
Таа рече дека ќе го покани Трамп да ја посети Италија. Премиерката посочи и дека очекува Италија на следниот состанок на НАТО во јуни да објави дека ќе може да го исполни барањето на Алијансата секоја земја-членка да издвојува 2 отсто од својот бруто домашен производ за трошоците за одбрана.
„Имаме многу добри односи заедно и како земји“, рече Трамп.
„Ќе направиме договор со Кина“, рече американскиот претседател. Тој посочи дека очекува да се воведат „значителни“ основни царини за увоз на голем број стоки.
Свет
Трамп: Не го обвинувам Зеленски, но не сум ни обожавател

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за одговорен за војната, но истакна дека не е негов голем обожавател.
„Не го сметам Зеленски за одговорен, но не сум навистина воодушевен од фактот што започна оваа војна. Затоа, не сум задоволен со него, ниту со никого инволвиран“, нагласи Трамп за време на прес-конференцијата во Белата куќа.
„Не го обвинувам, но она што го велам е, не би рекол дека ја завршил најдобрата работа. Добро? Не сум голем фан“, додаде тој. Повтори дека нема шанси рускиот лидер Владимир Путин да ја нападне Украина доколку тој беше претседател во тоа време.
Трамп во понеделникот ги обвини Путин, Џо Бајден и Зеленски за војната, по тој редослед.
„Бајден можеше да ја запре војната, Зеленски можеше да ја запре војната, а Путин не требаше да ја започне. Милиони луѓе загинаа поради три лица. Да речеме дека Путин е број еден, Бајден, кој немаше поим што по ѓаволите прави, е број два, и Зеленски“, рече тогаш американскиот претседател.