Европа
Русија: Владините интернет-страници се соочуваат со хакерски напади какви што се невидени досега
Интернет-страниците на руската влада се соочуваат со невидени сајбер-напади, а се прават технички напори за филтрирање на странскиот веб-сообраќај, објави денеска новинската агенција ТАСС пренесувајќи соопштение на руското Министерство за дигитални технологии.
„Страниците на руските министерства, агенции и државни компании беа цел на хакери поради настаните во Украина, а веб-страниците на Кремљ, водечкиот превозник ‘Аерофлот’ и главниот заемодавач ‘Сбербанк’ се меѓу оние со прекини или привремени проблеми со пристапот во последните недели“, соопшти руското Министерство наведувајќи дека работи на приспособување на овие нови услови на поголеми и посилни сајбер-напади.
„Ако порано нивната моќност достигнуваше 500 гигабајти во моментите на најголемото оптоварување, сега е 1 терабајт“, велат во Министерството. „Тоа е од два до трипати посилно од најсериозните инциденти од ваков вид што биле пријавени досега“, додаваат од таму.
Бидејќи Русија станува се поизолирана од глобалните финансиски текови и синџири на снабдување, руската влада предложи низа мерки за поддршка на ИТ-секторот. Технолошките компании ќе имаат повластени даноци и повластени услови за заем.
Повикувајќи се на нацрт-документи на руската влада, „Интерфакс“ доцна синоќа објави дека руското Министерство предложило да имсе доделат 14 милијарди рубли за поддршка на ИТ-компаниите во форма на грантови.
„Ројтерс“ пишува дека не можел веднаш да го потврди извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

