Свет
Русија почна контраофанзива во Курск

Руските сили почнаа значајна контраофанзива против украинските војници, кои минатиот месец влегоа во западна Русија и зазедоа делови од територијата, објавија руските воени блогери.
На 6 август Украина го почна најголемиот странски напад врз Русија од Втората светска војна пробивајќи ја границата во рускиот регион Курск со илјадници војници поддржани од големи количини беспилотни летала и тешко оружје, вклучително и оружје од западно производство.
Јуриј Подољак, проруски воен блогер роден во Украина и уште двајца влијателни блогери, изјавија дека руските сили почнале значајна контраофанзива во Курск.
„Во областа Курск руската армија почна контраофанзивни дејства на западното крило на позицијата на непријателот намалувајќи ја украинската зона на контрола во близина на државната граница“, се вели во блогот „Ту мајорс“.
Подољак вели дека руските сили зазеле неколку села во западниот дел на Русија, претходно разделен од Украина, потиснувајќи ги украинските сили источно од реката Малаја Локња јужно од селото Снагоста. „Ројтерс“ не можеше да ги потврди извештаите од бојното поле поради известувањето за ограничувањата на двете страни од војната.
Во соопштенијата на руското Министерство за одбрана има малку информации за борбите. Од Украина засега нема коментар за ситуацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
НАТО: Руските МиГ-ови во естонскиот воздушен простор не беа непосредна закана

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека руските борбени авиони МиГ-31, кои неодамна влетаа во естонскиот воздушен простор, не биле проценети како непосредна закана.
Руте одржа прес-конференција по состанокот на Северноатлантскиот совет, свикан на барање на Естонија која се повика на член 4 од Вашингтонскиот договор. Таа побара консултации откако три руски авиони без одобрување го нарушија нејзиниот воздушен простор.
„Одлуките за можен ангажман, вклучително и отворање оган, се носат врз основа на достапни разузнавачки податоци и процена на ризикот,“ изјави Руте. Тој додаде дека авиони на НАТО веднаш ги пресретнале руските МиГ-ови и ги „отпратиле без ескалација“.
Во заедничка изјава, НАТО потврди дека сојузниците ќе ги користат сите потребни воени и невоени средства за одбрана и одвраќање на закани, додавајќи дека преданоста кон членот 5 останува непоколеблива.
Руте, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека е прерано да се каже дали Русија е поврзана со неодамнешната појава на дронови во Копенхаген, поради што кратко време беше затворена аеродромската зона.
Свет
Русија обвинува: НАТО со трупи во Романија, цел е Молдавија

Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) тврди дека НАТО концентрира воени единици во Романија во близина на границата со Молдавија и дека постои план за истоварување и во украинската Одеската област. Според соопштението, целта е окупација на Молдавија и притисок врз регионот Приднестровје.
Разузнавањето наведува дека први војници од Франција и од Велика Британија веќе пристигнале, а Европската Унија наводно е „одлучна да ја задржи Молдавија во рамките на својата политика по секоја цена“.
Инаку, во недела во Молдавија ќе се одржат парламентарни избори, на кои граѓаните ќе избираат меѓу европскиот пат и поблиски врски со Москва.
Приднестровје е сепаратистички регион што се одвои од Молдавија во 1992 година со поддршка од Москва и функционира како де факто независна држава со своја власт, армија и валута.
Свет
Откриен по 30 години: ноќниот предатор призна вина за сексуалните напади во Сиднеј

Австралиецот Глен Гери Камерон (61), познат како ноќниот предатор, призна вина за серија сексуални напади врз жени во Сиднеј на почетокот од 90-тите.
Камерон беше уапсен минатата година на аеродромот во Сиднеј кога полицијата со нови ДНК-анализи ги поврза старите случаи. Тој се изјасни виновен за 13 од вкупно 36 дела, меѓу кои – 11 обвинувања за тешки сексуални напади со закана со оружје.
Жртвите, осум жени на возраст од 17 до 45 години, најчесто биле мамени со лажни понуди за работа и нападнати во близина на железнички станици и паркови. Пресудата се очекува следниот месец.
Фото: судски цртач/суд во Сиднеј