Свет
Русија: Индија сака да купи повеќе од нашите ракетни системи „С-400“
Москва и Њу Делхи преговараат за зголемување на испораките на руски ракетни системи земја-воздух С-400 за Индија, објави новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на висок руски службеник за извоз на одбрана.
„Индија веќе го има нашиот систем С-400, но постои потенцијал за проширување на соработката и во оваа област“, го цитираше ТАСС Дмитриј Шугаев, раководител на руската Федерална служба за воено-техничка соработка, додавајќи дека страните „моментално се во фаза на преговори“.
Индија потпиша договор од 5,5 милијарди долари со Русија во 2018 година за пет ракетни системи земја-воздух С-400 Триумф со долг дострел, за кои Њу Делхи вели дека им се потребни за да се спротивстават на заканите од Кина.
Сепак, испораките на системите се одложуваа неколку пати. Се очекува Москва да ги испорача последните два системи С-400 на Индија во 2026 и 2027 година.
Индискиот премиер Нарендра Моди му рече на Владимир Путин во понеделник дека Индија и Русија стојат рамо до рамо дури и во тешки времиња. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Индија не попуштила пред барањата на САД да престане да купува ресурси од Русија и дека Москва „го цени“ тоа.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

