Свет
Русија планира да произведе сува вакцина „Спутник 5“

Русија планира да произведе замрзнати лиофилизирани (суви) вакцини „Спутник 5“ до пролет, со што ќе се отстрани проблемот со транспортот на ултра ниски температури, соопштија руските власти.
Фармацевтските компании ширум светот се обидуваат да се справат со логистичкиот проблем на комплициран транспорт на анти-ковид вакцини во специјални комори, при ултра ниски температури, објави „Ројтерс“.
Вакцините мора да се транспортираат и чуваат на температура од минус 70 Целзиусови степени, што е предизвик дури и за најдобро опремените болници во САД.
Процесот на лиофилизација значи дека вакцината, која е во течна состојба, се претвора во сува бела супстанција, која потоа се чува на температура од 2 до 8 Целзиусови степени, а непосредно пред вакцинацијата се разредува.
„Очекуваме дека лиофилизираната анти-ковид вакцина најмногу ќе биде прифатена веќе во февруари“, рече Кирил Дмитријев, првиот човек на рускиот Фонд за директни инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бели дробови од свиња трансплантирани на човек во Кина

Првпат во историјата хирурзи во Кина успешно трансплантираа бели дробови од генетски модифицирана свиња во човек, што претставува огромен чекор во децениските истражувања за ксенотрансплантација – трансплантација на органи помеѓу разни видови.
Научниците од Медицинскиот универзитет „Гуангжу“ во Кина велат дека нивната работа е првиот документиран пример за трансплантација на бели дробови од разни видови.
Белите дробови беа трансплантирани на 39-годишен маж, кој клинички беше прогласен за мозочно мртов по мозочен удар. Органот остана функционален девет дена демонстрирајќи го потенцијалот за идна употреба на свински бели дробови кај луѓето.
Ова истражување покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста во човечкото тело, иако употребата на животински органи кај живи пациенти е веројатно сè уште оддалечена децении, објавува „Дејли мејл“.
Белите дробови на кинеската свиња бама сјанг беа генетски модифицирани со CRISPR-технологијата за да се отстранат антигените што би можеле да предизвикаат отфрлање од страна на човечкиот имунолошки систем. CRISPR е иновативен, но контроверзен метод, што прави прецизни сечења во ДНК, а потоа користи природни процеси на поправка на ДНК за да ги модифицира гените на посакуваниот начин.
Потоа белите дробови на свињата биле трансплантирани кај човек што бил прогласен за мозочно мртов. Ваквите пациенти законски се сметаат за починати, иако машината за дишење ги одржува срцето и белите дробови во функција.
Имунолошкиот систем на примателот не ги отфрлил веднаш свинските бели дробови, но знаци на оштетување биле забележани уште 24 часа по трансплантацијата, а знаци на отфрлање органи се појавиле на третиот и на шестиот ден. Поради ова, експериментот бил прекинат на деветтиот ден.
Резултатите објавени во стручното списание Nature Medicine покажуваат дека ксенотрансплантацијата на белите дробови не е невозможна.
„Нашата студија покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста кај примателите со мозочна смрт до 216 часа“, велат научниците.
Оваа техника е дел од поширок тренд во медицината, каде што бубрегот, срцето и црниот дроб на свињите претходно биле трансплантирани на луѓе, а примателот на свинскиот орган живеел најдолго, 60 дена, со генетски модифициран бубрег.
Белите дробови се особено тешки за трансплантација поради големата изложеност на надворешен воздух и крв, што ги прави подложни на имунолошки напад и инфекции. Сепак, анатомската сличност помеѓу свињите и луѓето го прави овој вид истражување многу ветувачки.
Научниците истакнуваат дека ова истражување е важен чекор кон решавање на глобалниот недостиг на органи и го отвора патот за идните клинички промени кај пациенти на кои им се потребни бели дробови. Понатамошната работа ќе се фокусира на оптимизација на имуносупресивната терапија, дополнителна генетска модификација и стратегии за зачувување органи, со цел да се овозможи трансплантација кај живи пациенти, пренесува медиумот.
Свет
Руски научници развија ново соединение за борба против ракот

Експерти од Државниот универзитет во Мари и Федералниот истражувачки центар „Уфа“ при Руската академија на науките развија ново хемиско соединение што би можело да стане основа за создавање иновативни лекови против тумори, објави Министерството за наука и образование на Русија.
Ова соединение дејствува селективно на туморските клетки, речиси без да ги оштети здравите клетки, а неговата молекуларна структура комбинира фенотијазинска и трифенилфосфониумска група.
Благодарение на оваа комбинација соединението ја таргетира слабата точка на туморските клетки – митохондриите и ја нарушува нивната работа, објавува „РИА новости“.
„Резултатите од истражувањето покажаа дека новото соединение ефикасно го потиснува растот на разни малигни клетки, вклучувајќи рак на црниот дроб, аденокарцином на белите дробови, колоректален карцином и леукемија. Активноста се манифестира дури и при ниски концентрации, што го прави соединението особено ветувачко за развој на лекови“, рече Константин Белослудцев, доктор по биолошки науки и проректор за иновации на Државниот универзитет во Мари, објавува „Танјуг“.
Како дополнителна предност, Белослудцев ја истакна едноставноста на синтезата на соединението, што овозможува негово производство во доволни количини за претклинички и клинички испитувања. Овие студии се спроведени во рамките на програмата „Приоритет 2030“, пренесува медиумот.
Свет
Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

Финскиот претседател Александар Стаб денес изјави дека се надева дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе исчезне и додаде дека европските земји ќе продолжат да се залагаат за траен мир во Украина.
Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја заврши војната во Украина е преку неговите сојузници, со проценка дека оние кои можат да го убедат рускиот претседател да постигне примирје се на Истокот, објавува „ Ile“.
Финскиот претседател, исто така, рече дека го предупредил Трамп дека Путин користи „типични руски тактики на одложување“ за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фото: принтскрин