Европа
Русија потврди дека важен капетан загинал во Мариупол

Руски официјални лица потврдија дека заменик-командантот на руската Црноморска флота, капетанот од 1. ранг Андреј Палиј, загинал во борбите во Мариупол, јавува Би-би-си.
Претходно беа објавени тврдења на Украина дека го убила во Мариупол, целосно опкружен град каде во моментот се водат најтешките борби.
Смртта на Палиј првично ја потврдил секретарот на Поморскиот колеџ „Накимов“, Константин Царенко, на социјалната мрежа „Вконтакте“.
Подоцна, руски претставник од Севастопол, базата на Црноморската флота на Крим, рекол: „Севастопол претрпе тешка, непоправлива загуба… Палиј загина во битките за ослободување на Мариупол од нацистите“.
Гувернерот на Севастопол, Михаил Развожајев, на „Телеграм“ напишал: „Андреј Николаевич ја избра одбраната на татковината за животно дело и умре за нашата мирна иднина“.
Палиј е роден во Киев, но во 1993 година наводно одбил да ја положи украинската воена заклетва. Наместо тоа, тој служел во руската Северна флота.
Претходно служел на рускиот нуклеарен ракетен крстосувач „Петар Велики“. Тој бил и заменик-шеф на Руската поморска академија во Севастопол, во анектираниот Крим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Штрајк во Франција: Се очекуваат од 600.000 до 900.000 демонстранти низ целата земја

Денес низ цела Франција се одржува голем синдикален штрајк, при што властите очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 луѓе да излезат на улиците. Се очекува протестите, кои се организирани на 250 локации, да предизвикаат значителни нарушувања во клучните сектори низ целата земја, објавува BFMTV.com.
Штрајкот најтешко ќе ги погоди јавниот превоз, образованието и здравството. Во железничкиот транспорт, се очекува да сообраќа само секој втор воз на Intercités и секој трет регионален воз (TER). Во Париз, метрото нема да сообраќа надвор од шпицот, со исклучок на линиите 1, 4 и 14.
Еден од тројца наставници во основните училишта ќе штрајкува, а 98% од аптеките во Франција се придружија на мобилизацијата, што дополнително го нарушува секојдневниот живот на граѓаните.
Префектот на париската полиција, Лоран Нуњез, изрази „загриженост“ поради евентуалното пристигнување на демонстранти на протестниот марш во главниот град. Тој ги повика трговците на мало да ги затворат своите продавници од безбедносни причини.
За да се спречи нарушувањето на јавниот ред, на улиците ќе бидат распоредени речиси 80.000 полицајци. 24 оклопни возила на жандармеријата „Кентаура“ и 10 водни топови се исто така во состојба на готовност, ниво на безбедносни мерки што не е видено од протестите на „Жолтите елеци“ во 2019 година.
И покрај најавениот хаос, повеќе од половина од Французите ги поддржуваат протестите. Според анкетата на Elabe спроведена за BFMTV, 56% од граѓаните го „поддржуваат“ или имаат „симпатии“ за денешниот штрајк. Сепак, оваа стапка на одобрување е малку пониска во споредба со мобилизациите против пензиската реформа во 2023 година, кога поддршката беше помеѓу 60 и 63%.
Од друга страна, 25% од Французите не ја одобруваат мобилизацијата, 18% се рамнодушни, додека 1% немаат мислење. Неодамнешните промени во владата не изгледа дека го смирија општествениот гнев, бидејќи 66% од испитаниците веруваат дека политиките на новиот премиер Себастијан Лекорну ќе бидат само „во континуитет со оние што ги водеа претходните влади на Емануел Макрон“.
Европа
Шефот на руската војска: Напредуваме на сите фронтови

Руските сили напредуваат во речиси сите правци во конфликтните зони во Украина, изјави вчера началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов.
Најинтензивните борби се водат кон Красноармејск, изјави Герасимов на состанокот со воените команданти во борбената зона.
Според него, руската западна армија развива офанзива во близина на Купјанск, а напредувањето успешно се одвива во насока на Краснолиман, каде, како што тврди, „градот Кировск ќе падне под руска контрола“.
Руските војници влегоа во селото Јампол, каде што продолжуваат со борбените операции, а непријателот, според него, е целосно протеран од шумските области на Серебрјанск.
„Напаѓачките единици на јужната група напредуваат во селото Северни. На правецот Александро-Калиновски се водат борби во близина на Константиновка, нашите единици влегоа во Плешчеевка. Уништувањето на непријателот блокиран јужно од резервоарот Клебан-Бик продолжува“, рече Герасимов.
Тој додаде и дека групата Восток ја развива својата офанзива во регионите Дњепропетровск и Запорожје.
Конечно, тој им додели награди на војниците кои, според руските тврдења, се истакнале за време на борбените операции.
фото: принтскрин
Европа
Гранатирање кај најголемата нуклеарна централа во Европа, се крева црн чад; МААЕ издаде предупредување

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) извести за ново гранатирање во близина на нуклеарната централа „Запорожје“, најголемиот таков објект во Европа под руска окупација, објавува „Киев индипендент“.
„Она што некогаш беше практично незамисливо – гранатирање или друга воена активност што се одвива во близина на големите нуклеарни објекти – стана редовна појава за време на оваа ужасна војна“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.
Набљудувачите на МААЕ на теренот видоа „црн чад што се издигаше од три блиски локации“ по гранатирањето. Раководството на централата, кое беше формирано од Русија, ѝ соопшти на агенцијата дека артилериските гранати паднале на речиси 400 метри од складиштето за дизел-гориво, што се наоѓа надвор од самата централа.
Агенцијата не ја припиша одговорноста на ниедна страна, иако Москва ја обвини Украина за нападот.
Нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во окупираниот град Енергодар, произведуваше околу 20 % од електричната енергија на Украина пред руската инвазија. Руските сили ја окупираа во март 2022 година.
МААЕ со месеци предупредува за сериозните ризици од нуклеарна несреќа велејќи дека Русија ја користи централата за да изврши притисок врз Украина и нејзините меѓународни партнери. Според извештаите, московските сили стационирале војници и опрема во објектот и редовно го гранатираат околното подрачје.
Русија тврди дека електраната е нејзина сопственост како дел од нелегалната анексија на Запорошката област и наводно гради нови далноводи за да ја поврзе со сопствената енергетска мрежа.
фото: принтскрин