Свет
Русија призна присуство на радиоактивни материјали при експлозијата во воената база
По дводневен молк, Русија денеска призна дека експлозијата која во четвртокот се случи во база за лансирање на проектили на далечниот север на земјата, имала нуклеарни карактеристики и ја зголеми официјалната бројка на жртви на петмина загинати.
Во соопштение, руската нуклеарна агенција „Росатом“ објави дека во експлозијата загинале петмина членови од нивниот персонал и дека три лица претрпеле изгореници, пренесува хрватски „Индекс“.
„Росатом“ прецизираше дека негов персонал обезбедувал техничка поддршка за „изотопски извор на енергија“ на моторот на проектилот, додека пак војската не спомена нуклеарно гориво во врска со несреќата.
Во соопштението на „Росатом“ на кое се повикаа и неколку руски медиуми се наведува дека несреќата се случила на поморска платформа и дека од силата на експлозијата неколку работници биле исфрлени во морето.
„Ги баравме додека имаше надеж дека ќе ги најдеме живи. Сега објавуваме дека загинати се петмина соработници на ‘Росатом’“, се вели во соопштението.
Веднаш по несреќата, руското министерството за одбрана изјави дека се случила експлозија при тестирање на мотор на проектил со течен погон и дека двајца стручњаци им подлегнале на повредите. До денеска не е јасно дали петте мртви што ги спомнува „Росатом“ ги вклучуваат и овие двајца стручњаци.
Властите досега објавија малку детали за несреќата во базата која инаку е отворена во 1954 година и е специјализирана за тестирање на проектили на руската флота и балистички ракети.
Руската војска и портпаролот на регионалниот гувернер во четвртокот соопштија дека нема радиоактивно загадување, но градската администрација на Северодвинск, град со 190.000 жители на 30 километри од базата, на својата веб-страница наведе дека регистрирано е краткорочно зголемување на радиоактивноста.
Објавата потоа беше тргната од интернет страницата на градското собрание, иако во истата не беше прецизирано до кој степен се зголемила радиоактивноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

