Свет
Руската амбасада во Вашингтон ги осуди изјавите на Викторија Нуланд за Крим

Руската амбасада во Вашингтон денеска ги осуди изјавите на американскиот заменик-државен секретар за политички прашања, Викторија Нуланд, дека „САД ги поддржуваат нападите на Украина врз воените објекти на Крим и дека тоа се легитимни цели“ и додаде дека таквата позиција е јасна потврда дека САД се директно вклучени во конфликтот.
„Висок функционер на американската администрација признава дека САД ги охрабруваат амбициите на режимот во Киев да ја нападне нашата земја“, изјави портпаролот на руската амбасада во Вашингтон, Игор Гиренко, пренесува ТАСС.
Во соопштението тој додаде дека тоа не е само реторика на Вашингтон и дека САД активно го снабдуваат Киев со модерни системи, кои се користат за таргетирање на руските региони преку конкретни акции, пренесе „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Договорот со Кина за „Тик-ток“ е на маса

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за „Тик-Ток“ со Кина е на маса, и покрај ескалацијата на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.
„Кина не е многу ентузијаст за потпишувањето“, рече Трамп во Овалната соба.
„Имаме договор со некои многу добри луѓе, некои многу богати компании, кои би завршиле одлична работа со тоа, но ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи со Кина. Има многу на маса. Мислам дека Кина всушност ќе сака да го направи тоа“, додаде тој.
Преговорите продолжуваат.
Трамп најави 90-дневна пауза на неговите нови „реципрочни“ царини за повеќето земји, но ги задржа претходно воведените царини од 104 отсто за Кина и воведе дополнителни 21 отсто како одмазда.
Минатата недела Трамп го продолжи рокот за присилна продажба на „Тик-ток“ за 75 дена, дозволувајќи и на популарната платформа за социјални медиуми да продолжи да работи во САД.
Сопственикот на компанијата, „Бајт денс“, вели дека преговорите со САД продолжуваат, но дека секој договор со Вашингтон ќе биде предмет на кинескиот закон.
Иднината на „Тик-ток“ остана неизвесна откако законот потпишан од поранешниот американски претседател Џо Бајден бара од „Бајт денс“ да ја продаде платформата или да се соочи со забрана. Неколку американски компании, вклучувајќи го и „Амазон“, наводно понудиле да ја преземат платформата за споделување видеа.
Свет
Германија ќе го преполови бројот на работни визи за Западен Балкан, меѓу кои и Македонија

Германија ќе го преполови бројот на имигранти од Западен Балкан, според коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада.
„Редовната миграција во Германија во рамки на таканареченото Правило за Западен Балкан ќе биде ограничена на 25.000 луѓе годишно“, се вели во коалицискиот договор што Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставија денеска во Берлин.
Правилото со кое им се дозволува на работниците од Западен Балкан да имигрираат за работни цели беше воведено на почетокот на 2016 година, откако земјите од регионот беа прогласени за безбедни земји, со што практично беше исклучено стекнувањето на правата на азил во Германија за граѓаните на тие земји.
Ова правило имаше за цел да им овозможи на оние лица кои ќе најдат работа во Германија да имигрираат во Германија на редовна основа. За разлика од другите правила за трудови имигранти кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската унија, имиграцијата според Правилото за Западен Балкан не бара квалификации, туку само договор за вработување со работодавач во Германија.
Последната социјалдемократско-зелено-либерална влада ја удвои квотата според ова правило на 50.000 работни дозволи годишно пред помалку од една година. На крајот на минатата година, во Германија се регистрирани 79.500 лица врз основа на имиграција според правилата за Западен Балкан. Најголем број се од Косово, а потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Граѓаните на шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија) исто така можат легално да имигрираат во Германија преку други програми за имиграција на квалификувана работна сила. Најголем проблем при издавањето на работните визи беше ограничениот капацитет на германските конзуларни претставништва, каде во почетната фаза се чекаше за термин повеќе од една година.
Свет
Американски режисер мора да плати 1,7 милијарди долари – 40 жени го обвинија за злоставување

Судот во Њујорк му наложи на американскиот режисер Џејмс Тобек, номиниран за Оскар, да плати отштета од 1,68 милијарди долари на 40 жени кои го обвинија за сексуален напад и други злосторства во последните четири децении.
Поротата во Њујорк одлучи дека Тобек ја злоупотребил својата позиција во филмската индустрија сексуално напаѓајќи жени во периодот од 1979 до 2014 година.
Тобек беше меѓу првите холивудски моќници кои беа обвинети за сексуално недолично однесување на почетокот на кампањата „MeToo“, а ова е најголемата сума пари што државата Њујорк нареди да им се исплати на жртвите кои ја покренаа иницијативата.
Тобек, кој се застапуваше себеси, ги негираше наводите, наведувајќи дека „секоја сексуална средба или контакт помеѓу тужителот и обвинетиот била консензуална“.
Покрај режисерското деби во „Fingers“ (1978), Тобек ги режираше „The Pick-up Artist“ (1987), „Two Girls and a Guy“ (1997), „Black and White“ (1999), „Tyson“ (2008), а исто така е познат и по неговото сценарио за „Bugsy“, кој не го режирал, но беше номиниран за Оскар за оригинално сценарио.