Свет
Руската амбасада во САД: Апсурдни се обвинувањата од Пентагон против „Спутник“
Обвиненијата на Пентагон на сметка на руските новински агенции „Спутник“ и РТ за дезинформации поврзани со Ковид-19 се апсурдни, соопшти руската амбасада во Вашингтон реагирајќи на брифингот за руските дезинформации одржан во Вашингтон.
Вакви слични брифинзи се одржуваат и во американскиот Стејт департмент.
„Го повикуваме американското Министерство за одбрана да ги насочи своите напори, пред сè, на борбата против пандемијата на Ковид-19. Какви било обвиненија на сметка на руските новински агенции ‘Спутник’ и РТ се апсурдни,“ се вели во соопштението од Амбасадата.
Од Амбасадата истакнаа дека ако американските војници не си ги мијат рацете, тоа воопшто не е вина на руските медиуми.
Во февруари од прес-службата на меѓународната информативна агенција „Русија севодња“ беше соопштено дека добиле барање од „Њузвик“ да ги искоментираат неговите сознанија дека американската војска ги следи профилите на „Спутник“ на социјалните мрежи поради наводно ширење дезинформации за емидемијата на Ковид-19.
„Новинарите си ја вршат својата работа – ја информираат јавноста за тоа што се случува. Но, нападите од Пентагон може да се сметаат за фактор што влијае на безбедноста на руските новинари во САД. Организацијата за заштита на правата би можела да посвети внимание на ова“, се вели во соопштението од Амбасадата.
Руските дипломати потсетуваат дека Русија и САД редовно разменуваат информации за пандемијата на највисоко ниво.
„Никој не е заинтересирн за ескалација на и така тешката ситуација. Во овие услови во водечките американски медиуми продолжува неконтролираната русофобија, која црпи неточни податоци од ваквите брифинзи на Пентагон и на Стејт департментот. Ваквата неодговорност е за жалење“, велат тие.
Руските дипломати потсетуваат дека Русија им помага на другите земји и дека тоа не е повод за клевета.
„Време е да сфатат дека само со здружени напори можеме да ја победиме заедничката несреќа. А дури потоа можат да снимаат блокбастери за нечие лидерство во оваа борба“, велат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.