Свет
Руска фондација: „Белите шлемови“ тргуваат со човечки органи во Сирија
Невладината организација „Бели шлемови“ е вклучена во трговија со органи на Сиријци кои живеат во зоните што се под контрола на екстремистите, според Максим Григориев, директор на руската Фондација за проучување на демократијата.
Тој ова го рече при презентирање на истражувањето „Белите шлемови: Терористички поттикнувања и извори на дезинформации“ во руското Министерство за надворешни работи, за кое предговорот го напишал рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува ТАСС.
„Тие (Белите шлемови) се клучен елемент во оваа нелегална шема на отстранување органи. За тоа слушнавме од луѓето со кои разговаравме. Тие информации беа непријатно изненадување за нас “, рече Григориев.
Според него, истражувачите ги добиле овие информации додека разговарале со жители на сирискиот регион каде што се најактивни Белите шлемови.
Григориев и истражувачите интервјуирале повеќе од 100 жители на Алепо, Дамаск, Деир ел Зора и Сакба, како и 40 членови на Белите шлемови и околу 20 членови на вооружените групи.
Григориев рече дека сведоците изјавиле дека Белите шлемови биле вклучени во евакуацијата на луѓето за кои ветиле медицинска помош по што нивните роднини ги добиле нивните тела без некои витални органи.
Тој додаде дека коосновачот на „Белите шлемови“, Џејмс ле Мезурија, кој неодамна починал под сомнителни околности, бил во поранешна Југославија кон крајот на 1990-тите, кога во Косово се одвивала трговија со човечки органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.