Свет
Рускиот хакер Бурков се соочува со затворска казна до 80 години
Рускиот хакер Алексеј Бурков може да се соочи со затворска казна до 80 години поради обвиненијата за измама и заговор за измама, изјави во вторникот во Министерството за правда на САД, пренесува ТАСС. Бурков беше екстрадиран во САД во понеделникот вечерта од Израел.
„Обвинението што беше отворено денес го товари Бурков за измама со трансакции, измама со пристап до уреди, измама со пристап до уреди, упади во компјутер, кражба на идентитет и перење пари“, се вели во соопштението.
Бурков може да се соочи со затворска казна до 80 години ако биде прогласен за виновен по сите обвиненија.
„Според судските документи, Бурков наводно имал веб-страница наречена ‘Карпенпланет’, која продавала броеви од платежни картички украдени преку упади во компјутери. Многу од картичките понудени за продажба им припаѓале на американски државјани. Украдените податоци за кредитни картички од повеќе од 150.000 платежни картички наводно биле продадени на страницата на Бурков и резултирале со штета од над 20 милиони американски долари во лажни набавки направени со кредитни картички во САД “, се вели во соопштението.
„Дополнително, Бурков наводно водел и друг интернет-форум за компјутерски криминал, кој служел како клуб само за поканети, во кој елитните компјутерски криминалци можеле да се сретнат и да објавуваат на сигурна локација, да планираат разни компјутерски криминали, да купуваат и продаваат украдени стоки и услуги, како што се лични информации за идентификување и злонамерни софтвер и други криминални услуги, како што се перење пари и уреди за хакерство“, се додава во соопштението.
Руската амбасада во САД вложи протестна нота до американскиот Стејт департмент поради екстрадицијата на Бурков од Израел.
Во вторникот рускиот специјален претседателски претставник за Блискиот Исток и Африка, Михаил Богданов, оствари средба со Јаков Ливен, заменикот на израелскиот амбасадор и изрази жалење поради одлуката на израелските власти за екстрадиција на рускиот државјанин во САД. Според Богданов, ваквите активности се спротивни на конструктивното партнерство меѓу Русија и Израел, што напредуваше изминатите години.
Бурков беше приведен за време на пасошка проверка по барање на Вашингтон додека се обидуваше да го напушти Израел во декември 2015 година. Москва претходно испрати барање за екстрадиција на Бурков. Неговиот случај го разгледа судот во Ерусалим зад затворени врати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Саливан: САД нема на располагање ниту еден „Патриот“ систем за противвоздушна одбрана што би можел да го достави до Киев
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон во моментов нема достапни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можел да му ги достави на Киев.
„Американските системи „патриот“ се распоредени низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток, за да ја заштитат американската војска. Доколку има можност да се ослободи батерија, ќе ја испратиме во Украина“, рече тој, а пренесе телевизијата „Ем-ес-ен-бси“.
Истовремено, Саливан додаде дека Америка, додека не дојде во ситуација да испрати свои „патриотски“ системи во Украина, ќе работи да ги убеди своите сојузници од Европа да ги испратат своите системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.